1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Нобелова награда за мир за Мухамад Јунус и Грамин-банката

Норвешкиот Нобелов комитет уште еднаш приреди изненадување. Признание за економистот Јунус од Бангладеш и банката што тој ја основа за напорите за „економски и социјален развој оздола“.

Новиот Нобеловец Јунус

Новиот Нобеловец Јунус

Претседалот на Комитетот Оле Данболд Мјес го објави решението и од образложението прочита: „Не може да има вистински мир, ако големи групи од населението не можат да најдат пат за излез од сиромаштијата. Микрокредитите овозможуваат таков пат. Позитивен економски развој е и гарант за демократијата и човековите права“.

Мир во смисла на Нобеловата награда не е само разоружување и контрола на вооружувањето, туку и борба за демократија и рамноправност, за човекови права и природна околина достојна за живеење, и – како во овој случај – борба за социјална праведност.

Грамин-банката е основана во 1974-та година од научникот-економист Мухамад Јунус. Банката е активна во 71 илјада села во Бангладеш и им даде мали кредити – во просек од 180 долари, на повеќе од 6 милиони луѓе. 97 проценти од нив се жени, кои со тоа имаат шанса да се ослободат од зависноста и угнетувањето.

„Малите кредити имаат ослободувачка сила посебно во општества во кои пред се’ жените мораат да се борат против угнетувачките социјални и економски услови. Не може да се постигнат пораст и демократија со целосна вредност, кога половината од човештвото, жените, не се рамноправни“ – истакна Оле Данболд Мјес.

Наградата е дотирана со повеќе од еден милион евра. 66-годишниот Јунус искажа благодарност и голема радост по телефон преку многу лоша врска од Бангладеш. Нобеловата награда за мир не била само признание за него и неговото животно дело, туку и потврда на неговата филозофија за помош преку самопомош, рече Јунус.

Петчлениот Нобелов комитет, сега составен од три жени и двајца мажи, годинава изборот го направи од 191 предлог, меѓу нив и 23 организации. Изборот треба да биде смеса од идеализам и реализам, честопати има функција на пример за углед, а наградата треба да ги мотивира добитниците да продолжат да работат.

„Убаво и мудро решение е да биде награден професор Мохамад Јунус, пред се’ затоа што сиромашните жени имаат можност да се погрижат за самите себе си. Идејата со мали кредити потекна од Бангладеш и во меѓувреме се прошири во целиот свет. Борбата против сиромаштијата во светот е дел од борбата за мир“ – оцени норвешкиот премиер Јенс Штолтенберг.

Доделувањето на најпрестижната награда за мир во светот – Нобеловата, традиционално се одржува во Градското собрание на Осло на 10-ти декември, денот на смртта на завештелот Алфред Нобел.