1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нобеловата награда за мир за антинуклеарното движење ИЦАН

Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИЦАН) ја доби Нобеловата награда за мир, соопштено е во Осло.

„Живееме во свет, во кој ризикот од употреба на нуклеарно оружје одамна не бил толку голем“, констатираше претседателката на норвешкиот Нобелов комитет, Берит Реис-Андерсен денеска во Осло.

Образлагајќи ја одлуката за доделување на Нобеловата награда на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИЦАН), таа рече дека движењето е наградено за својата работа на укажување на „катастрофалните хуманитарни последици“ од нуклеарното оружје и за напорите за забрана на вакво оружје врз основа на договор. Годинешниот добитник е повик до сите нуклеарни сили да почнат „сериозни преговори“ со цел за постепено и „внимателно проверено уништување“ на атомското оружје во светот.

Friedensnobelpreis 2017 ICAN Beatrice Fihn Direktorin (REUTERS)

Шефицата на ИЦАН, Беатрис Фин, слави по добивањето на веста за наградата

ИЦАН е формирана во Виена, во 2007 година, а претставува сојуз на околу 450 организации од цел свет. Во меѓувреме активна е во повеќе од 100 земји. Шефицата на ИЦАН, Беатрис Фин пред објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за мир, за агенцијата ДПА ги критикуваше политичарите: „Политичарите велат: 'Вие активистите не разбирате, во случајот со нуклеарното оружје станува збор за стратешка безбедност'. Но, ние повторно го направивме нуклеарното оружје - хуманитарно прашање.“

Според начинот на кој Фин ги гледа нештата, работата е многу едноставна: Дали е прифатливо да се убијат стотици илјади луѓе или не? Ако не е, тогаш мора да се забрани атомското оружје.

Нобеловата награда за мир се доделува од 1901 година. Таа се смета за најважно политичко одликување во светот. Минатата година добитник на наградата беше колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос за своите напори за ставање крај на војната во Колумбија.

DW.COM