1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нобеловата награда за литература за Казуо Ишигуро

Казуо Ишигуро, британски писател со јапонско потекло, е добитник на годинешната Нобелова награда за литература.

Нобеловата награда за литература ја добива автор кој во своите романи со голема емоционална сила ја покажува „бездната на нашата претпоставена поврзаност со светот“, се вели во образложението на Нобеловиот комитет. Името на Ишигуро денеска во Стокхолм било соопштено без тој претходно да биде известен за наградата. Шефицата на жирито, Сара Даниус, за шведското радио изјави дека и покрај неколкуте обиди, не успеала да го добие. Даниус оцени дека Ишигуро е брилијантен автор, автентичен, со сопствена естетика: „Тој е вкрстување на Џејн Остин и Франц Кафка.“

The remains of the Day, Novel by Kazuo Ishiguro

Ишигуро е роден во Нагасаки, во 1954 година, а на петгодишна возраст со своето семејство се преселил во Велика Британија. Денес со семејството живее во Лондон. Неговите први два романи се занимаваат со последиците од Втората светска војна врз јапонското општество.

Едно од најпознатите дела на Ишигуро е романот „Остатоци од денот“. По текстот е снимен и филм во 1993 година, со Ентони Хопкинс и Ема Томсон во главните улоги. Во романот „Сѐ што моравме да дадеме“ авторот ја третира темата донирање органи и дебатата за клонирање на човекот. Ишигуро, покрај останатите романи, пишува и куси раскази и сценарија за филм и телевизија.

Нобеловата награда за литература минатата година му беше доделена на Боб Дилан, бидејќи „создал нови поетски експресии во американската музичка традиција".

 

DW.COM