1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нобеловата награда за економија за тројца Американци

На добитниците им се оддава признание за откритијата на нови методи со кои се проучуваат и пресметуваат трендовите во движењето на цените на берзите.

Американските научници Јуџин Фама, Ларс Петер Хансен и Роберт Шилер се добитници на годинешната Нобелова награда за економија. Тројцата се наградени за развојот на нови методи со кои се проучуваат трендовите на цените на активите.

Кралската Шведска академија на науки оцени дека тројцата ги поставиле темелите за разбирањето на движењето на цените на активите.

Иако е тешко да се предвиди дали цените на акциите ќе се зголемат или намалат на краток рок, можно е да се предвиди каков ќе биде трендот за период од три години или подолго, соопшти академијата.

„Овие откритија, кои можеби делуваат изненадувачки или контрадикторно, беа изведени и анализирани од годинешните лауреати“, оценува академијата.

74-годишниот Фама и 60-годишниот Хансен соработуваат со Универзитетот во Чикаго, додека 67-годишниот Шилер е професор на Универзитетот Јејл.

Американските научници доминираат во освојувањето на Нобеловата награда за економија во последниве години. Последниот пат кога оваа награда му припадна на неамериканец беше во 1999. година.

Со денешното соопштување на добитниците, Нобеловите комитети ги доделија сите награди предвидени за годинава, проследени со дотација од 1,2 милиони долари награда.

Наградата за економија не е дел од оригиналните Нобелови награди за медицина, хемија, физика, литература и мир, кои беа креирани од шведскиот индустријалец Алфред Нобел во 1895. година. Таа беше додадена од страна на шведската Централна банка во 1968. година, во знак на сеќавање за Нобел.