1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нобеловата награда за економија за двајца американски научници

Американката Елинор Остром, заедно со нејзиниот колега Оливер Вилијамсон се годинешните лауреати во категоријата- економија. Со денешната објава, Комитетот го заокружи доделувањето на Нобеловите награди за годинава.

default

Елинор Остром ја дели Нобеловата награда за економија со Оливер Вилијамсон

Двајца американски научници, Елинор Остром и Оливер Вилијамсон ја добија годинешната Нобелова награда за економија, соопшти Шведската академија на науки. Остром, која е родена во 1933, стана првата жена која ја добила наградата за економија од нејзиното востановување во 1968 година. Претходните 62 добитници беа мажи.

Академијата соопшти дека нивното истражување покажало како „економската анализа може да ги расветли различните форми на социјална организација“. Остром, наградата ја добила за нејзините анализи на економското владеење, додека Вилијамсон е награден за неговите анализи на економското работење од аспект на границите на компаниите. Обајцата ќе ја поделат наградата вредна 1 милион евра.

Американските граѓани во изминатите децении доминираа во оваа категорија од Нобеловите награди, која не е една од оригиналните востановени од шведскиот индустријалец Алфред Нобел.

Наградата за економија, заедно со оние за медицина, физика, хемија и литература ќе им бидат врачени на лауреатите на 10 декември во Стокхолм, додека церемонијата за наградата за мир, која ја доби американскиот претседател Барак Обама ќе се одржи во Осло, истиот ден.

Автор: БГ/ЖА/дпа

Редактор: Александра Трајковска