1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Ноа и Мира ќе пејат за Израел

„Мора да постои друг пат“ - ова е пораката на песната со којашто Ноа и Мира ќе настапат на годинешната Евровизија во Москва. Ноа е Еврејка, Мира има арапско потекло. Двете заедно ќе настапат за Израел.

default

Ноа и Мира заедно на Евровизија

Се’ би можело да биде лесно на Блискиот исток. Ова накратко е пораката на пејачките Ноа и Мира Авад, кои во мај на Евровизијата во Москва ќе настапуваат за Израел. Еврејката Ноа повеќе години соработува со Арапката Христијанка Авад. Темпераментната Ноа, која има потемен тен, навидум повеќе се совпаѓа во клишеата за ориенталните жени, отколку нејзината 33 годишна колешка и пријатека, чија мајка е Бугарка, а татко и Палестинец.

Преку песна до решение

Нивната заедничка песна содржи убава реченица, која би требало да асоцира на решавање на проблемите на Блискиот Исток, како за Израелците, така и за Палестинците: „Мора да постои друг пат“ ќе пејат Еврејката Ахиноам Нини и Арапката Мира Авад на годинешнава Евровизија. Двете девојки на 16 мај во Москва, песната ќе ја изведат на еврејски, арапски и англиски јазик. Мора да постои друг пат, освен познатиот ѓаволов круг од закани, ракети, бомби, мртви и повредени, од оваа, но, и од онаа страна.

EUROVISION 2009 Israel Musik Noa und Mira

Пејачките се борат против предрасудите

Веќе неколку години двете пејачки работат и настапуваат заедно. Ахиноам Нини е Еврејка. Во Европа е позната како „Ноа“, има темен тен, долга црна виткана коса и повеќе изгледа како да е Арапка. Мира Авад пак со нејзината светла боја на кожата и зелени очи изгледа како да е Еврејка. Тешко дека е можно една збрка да има повеќе смисла отколку оваа. И двете Израелки сакаат да испратат мировна порка до публиката, до Евреите, арапските Израелци и Европејците, и покрај ѓаволскиот круг и покрај војната во Газа.

Порака за мир

Уште во екот на војната во јануари годинава, комитетот на израелските радиодифузни власти донесе одлука да го испрати дуото во Москва. Ахиноам Нини го прифати тоа без размислување: „Донесовме одлука да испратиме позитивна порака, не негативна. И да кажме дека во војна не е вистинското време за тоа - но, кога тогаш е вистинското време? Сега е најдоброто време - луѓето умираат, ние плачеме - треба ли да молчиме? Не! Ќе продолжиме и ќе испратиме порака на мир, покрај и поради и со војната. Исто и без неа, по неа и пред неа.“

EUROVISION 2009 Israel Musik Noa und Mira

Девојките остануваат на одлуката заедно да го претставуваат Израел

Исто и Мира Авад, израелската Арапка не се двоумеше долго и се согласи да пее заедно со нејзината пријателка. Во интервју за втората израелска телевизиска програма таа зборуваше за моментот кога дозна дека Нини и таа како прва Арапка ќе смее да го претставуваат Израел на Евровизија: „Тоа беше момент на емоционална збунетост, кој се случи во време на војната. Седев пред телевизиор и мислев - треба да им се наклонам на противниците или да ја искористам шансата?“

Критика од другите уметници

Противниците, група израелско-арапски уметници и интелектуалци кратко по крајот на војната во Газа го повикаа дуото да не настапува за Израел. Ако учествуваат во израелската пропагандна машинерија, тогаш се созадава погрешен впечаток за функционална коегзистенција на еврејските и арапските Израелци. Овој погрешен впечаток, според критичарите, ќе биде искористен да се кашира смртта на стотици палестински цивили во војната во Газа. Но Мира Авад, останува на својата одлука: „Преку глава ми е, постојано да бидам против нешто. Не сакам повеќе да кажам „против“. Сакам да бидам „за“ нешто.“


Автор: Себастијан Енгелбрехт / Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски