1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ни “Супер Бајерн“ не е непобедлив

„Семоќниот“ Бајерн од кого на сите противници им се тресат нозете и самиот потклекна во првиот официјален термин на фудбалската сезона во Германија. Првата титула - Суперкупот, го освои Борусија Дортмунд

Бајерн Минхен против Борусија Дортмунд - финале на германскиот Суперкуп, пресметка меѓу најдобрите во германскиот фудбал, престижен дуел, прв официјалн термин во новата сезона на првенството и - реприза на финалето на Лигата на шампиони од мај годинава. Бајерн во него влезе како јасен фаворит: како актуелен првак на Германија и на Европа, кого несомнено силниот тим од Дортмунд не успеа да го победи во последните пет натпревари. Последен пат Борусија славеше во финалето на германскиот Купот пред повеќе од една година.

Во меѓувреме на клупата на Бајерн седна и новиот тренер - „волшебникот“ Пеп Гвардиола. Многумина со недели зборуваат за „најдобриот минхенски состав на сите времиња“ и стравуваат дека германската фудбалска сезона 2013/2014 ќе биде здодевна, затоа што првакот веќе сега се знае - Бајерн Минхен. Менаџерот на актуелниот германски првак Матијас Замер за амбициите и целите на својот клуб во претстојната сезона јасно даде до знаење пред Суперкупот во Дортмунд: „Сакаме да освоиме се' што може да се освои“. Сепак, првата цел не е исполнета. Во вчерашниот натпревар (27.07.), Суперкупот го освои Борусија совладувајќи го Бајерн со 4:2.

Гостите од Минхен можеа да се тешат дека „жолто-црните“ имаа предност поради домашниот терен, и дека на мегдан мораа да излезат без првиот голман Мануел Нојер, клучниот играч Франк Рибери и новиот ас Геце, но поразот е пораз и многу навивачи на Бајерн немаат премногу разбирање за „олеснителните околности“.

Гвардиола: „Немам чувство дека Борусија е подобра“

Пред натпреварот новиот тренер на Бајерн јасно даде на знаење дека овој натпревар му е многу важен.

„Оваа титула е прашање на чест, а титулите се секогаш важни. Јас сакам да победиме на секој натпревар, а финалето е секогаш нешто посебно“, рече Гвардиола. Освен престиж, финалето на победникот му донесе и убава сума од најмалку милион и 250.000 евра. Натпреварот се пренесуваше во 195 земји. По победата на својата екипа пред повеќе од 80.000 гледачи тренерот на Борусија Јирген Клоп блескаше од задоволство:

„Тоа беше прекрасен натпревар. Двата тима дадоа се' од себе, како да е судниот ден. Добра работа кај Суперкупот е тоа што победникот се радува, а поразениот не тажи премногу. А, супер е чувството дека победивме. Секогаш кога играме против Бајерн сакаме и да го победиме.“

Тренерот на минхенскиот клуб, 42-годишниот Гвардиола, пак, рече дека „целокупно е задоволен од она што го покажала неговата екипа“.

„Добро игравме и добро го покривавме теренот. Сите голови кои ги примивме беа создадени од одделни ситуации. И, без разлика што изгубивме, немам чувство дека Борусија е подобра од нас“, изјави Гвардиола.

Во минатиот Суперкуп пред една година славеше Бајерн и многумина тоа го видоа како најава за успешна сезона на рекордниот германски првак по неколку години релативна суша - сега годинешната победа на Борусија се гледа како најава на сепак повозбудливо првенство отколку што се очекуваше по обезбедувањето на и онака силниот Бајерн со нови засилувања.

Ѕвезди - на заем

И пред поразот во Дортмунд, Матијас Замер ја отфрли како бесмислена теоријата за потполна доминација на Бајерн:

„Факт е дека Бајерн веќе многу години не успеал да ја одбрани титулата првак, да не зборуваме за одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Кога следните 3 години би поминале онака како што измина минатата, тогаш би можеле да почнеме да размислуваме солидарно. Но, моментално, искрено, мислиме и гледаме само на Бајерн Минхен“.

И начелно Замер ја смета дискусијата за „здодевност“ во германскиот фудбал како целосно непримерна.

„Пред да почнеме да размислуваме за доминација на Бајерн, мораме прво да доживееме тој да одбележи една ера. Тоа што минатата година беше толку успешна ни од далеку не значи дека така ќе биде секогаш“, вели Замер.

Рекордниот и актуелен германски првак сепак ја разгледува можноста - со оглед на кавнтитетот и концентрацијата на квалитетни играчи во својот состав, до почетокот на Бундеслигата (9. август) да го намали кадарот. Се размислува, како што се дознава, за опцијата Тони Крос и Давид Алаба, а можеби и некоја друга ѕвезда да се позајмат на другите клубови за да не мораат да ја греат клупата. Но, како и да заврши идната сезона за Бајерн, виновникот за евентуалните разочарувања и неуспеси веќе сега се знае. Неговото име е Пеп Гвадиола. Новиот тренер, имено, доброволно ја презеде вината за „се’ што евентуално ќе појде лошо во следната сезона“.