1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ништо од „црногорскиот Акропол“- Свети Стефан?

Никој во Црна Гора со сигурност не може да каже дали годинава повторно ќе биде отворен градот- хотел Свети Стефан. Грчката фирма закупец не ги исполнува ветувањата.

default

Островот хотел Свети Стефан

Во црногорската влада сметаат дека наредната туристичка сезона ќе биде успешна. Како што наведуваат, се преземаат интензивни маркетинг активности на европските пазари а истовремено се настојува да се зголеми конкурентноста на црногорскиот туризам. Но највисоките претставници на властите во Подгорица не можат да одговорат на прашањето дали ова лето ќе проработи Свети Стефан. Тој симбол на црногорскиот туризам не работи веќе цели пет години, откако најнапред прејде под долгорочен закуп на сингапурската фирма „Аман ризортс“ а потоа на грчката компанија „Рестис груп“. Таа уште пред три години вети дека Свети Стефан ќе стане „црногорски Акропол“.

Грците не го исполнуваат ветеното

Новинарката во независниот неделник од Подгорица „Монитор“, Бранка Пламенац вели дека Грците досега не исполниле ниту едно ветување. „Хотелот Свети Стефан требаше да ги отвори вратите и повторно да излезе на туристичкиот пазар во 2009. година. Но досега ништо од тоа не е сработено. Во моментов на Свети Стефан не се извршуваат никакви работи иако „Рестис груп“ доби кредит од Европската банка за обнова и развој од 37 милиони евра за завршување на своите работи. Но нема никакви индикации ни на теренот ниту воопшто дека Свети стефан конечно во полн сјај и со пол капацитет ќе биде отворен за туристичката сезона 2012. “, истакнува Пламенац.

Insel-Hotel in Montenegro Flash-Galerie

„Рестис групата„ престанала да ја плаќа и договорената закупнина а покрај тоа нелегално гради и во блискиот Милочерски парк. Поради тоа најреномираната невладина организација во Црна Гора, подгоричкиот МАНС поднесе кривични пријави против сегашниот и поранешниот министер за туризам на Црна Гора како и против неколку локални функционери во Будва.

Поради овие тужби „Рестис груп“ побара заштита од грчката амбасада во Подгорица и од Европската унија. Се најавува и можноста за напуштање на Црна Гора, но со отштета од црногорската влада од цели 50 милиони евра.

Се чекаат наодите од експертите

Поради тоа Пламенац смета дека е можно овој спор да стигне до меѓународните судови. Но претходно црногорски експерти ќе ги разгледаат забелешките и барањата на „Рестис груп“. „Нивна цел ќе биде да испитаат дали од страна на државата и на државните институции е направена грешка поради која грчката фирма имала дополнителни издатоци за време на обновата на Свети Стефан што би се прифатило и врз основа на тоа би се намалил износот на закупнината и би се продолжил рокот на закупот“, вели Пламенац.

Ова повеќегодишно сплеткарење околу Свети Стефан имаше многу лоши последици за црногорскиот туризам и посебно за жителите на таа населба. Уште едно лето да се мине во затворениот град-хотел би било рамно на елементарна непогода.

Автор: Мустафа Цанка/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска