1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ништо од департизацијата во Србија

Иницијативата на владејачката партија за департизација на јавните функции во Србија беше едно од главните ветувања во предизборната кампања. Но, департизацијата полека се претвора во својата спротивност.

Основната идеја беше јасна и за секоја пофалба: директорските места од републичко, па до најситно- локално ниво кои досега се делеа како партиски плен, требаше да станат предмет на отворени конкурси на кои функциите ќе ги добиваат најдобрите и најподготвените.

„Ние ќе одиме на професионализација на јавната управа“, ветуваше во јуни минатата година првиот човек на СНС, Александар Вучиќ. „На некои места ќе бидат луѓе кои не и припаѓаат на ниту една партија, а на некои припадници на нам противнички партии, некаде и луѓе кои им припаѓаат на владејачките партии“, објаснуваше Вучиќ.

Департизацијата стана фарса

Денес, кога се завршени бројни конкурси, а некои не се ни распишани, јасно е дека функциите се поделени исклучително на кадри од партиите кои се во мнозинство во некоја општина или град. Немања Ненадиќ, директор на Транспарентност Србија, вели дека во декември е донесен важен закон за јавните претпријатија, но дека тој не се спроведува, а за департизација не може да има ниту збор.

Nemanja Nenadic, Programmdirektor bei Transparency Serbia

Немања Ненадиќ

„Како големо финале, во текот на реконструкцијата на Владата директно беше најавено дека и местата помошник-министер и директор на јавно претпријатие ќе бидат дел од прераспределбата на моќта меѓу владејачките партии. Ние одамна имаме закон за државни службеници кој ги третира помошниците министри како службеници кои се бираат на конкурс. Гледаме дека во пракса од тоа нема ништо“, вели Ненадиќ.

Од 700 фотелји во надлежност на Републиката и на локалните самоуправи, голем дел и натаму се празни, односно имаат вршители на должност кои, речиси без исклучок, доаѓаат од владејачките партии. Ненадиќ предупредува дека сите конкурси требало да бидат распишани до јули, и дека на тој начин веќе е прекршен законот за јавни претпријатија. Во Пожаревац, кој може да послужи како илустрација за цела Србија, завршени се изборите за директори кои во потполност го потврдија стереотипот дека без партиска книшка нема ни фотелја. Имено, на чело на сите седум јавни претпријатија дојдоа кадри од редовите на трите владејачки партии, СНС, СПС и УРС.

Првиот човек на СНС во Пожаревац, Небојша Јочиќ објаснува дека „членството во партијата не смее да се гледа како мана на некој кандидат“. „Комисијата ги бодуваше кандидатите целосно независно. Ние во партијата не сме воделе разговор на таа тема“, вели Јочиќ. Овие „независни“ комисии вообичаено имаат по пет члена. Во Пожаревац, секоја од владејачките партии имала по еден претставник во комисијата.

До работа само со партиска книшка

Serbische Regierung Hauptsitz Belgrad Serbien

Седиштето на српската влада во Белград

Немања Ненадиќ од Транспарентност вели дека присуството на партиските колеги во комисиите е доволно сомнително, но дека главен проблем е отсуството на критериуми.

„Сѐ се сведува на личен впечаток. Како што не можете да спорите колку е успешен или праведен изборот за мис бидејќи таму членовите на жирито гласаат според она што тие го сметаат за убаво. Но, во јавниот сектор не би смеело да биде така. Кога нема критериуми, тогаш е логично дека партиската врска ќе стане главен фактор при изборот“, вели Ненадиќ.

Со закон или без него, за обичните граѓани нема разлика. Само во јавните претпријатија во Србија има 700 директорски места, а кога на тоа ќе се додат и институциите во културата, образованието... работните места кои им ги обезбедуваат раководителите на своите најблиски, се доаѓа до бројка од речиси 10 илјади работни места кои можат да се добијат само доколку се поседува партиска книшка.

„Ова е порака до граѓаните дека со партиска книшка нешто можат да постигнат. Тоа за жал придонесува до енормен пораст на бројот на симпатизерите на оние партии кои ќе победат на изборите“, вели Ненадиќ.

Единствената шанса да запре партискиот напад врз државните функции, Ненадиќ ја гледа во лошата финансиска состојба во државата, која ќе ги принуди властодршците да штедат. „Ќе видиме дали преку тие најавени заштеди ќе дојде до решение и за макар мал дел од партиските вработувања“, вели Ненадиќ.

Поврзана содржина