1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ништо ново од Берлин

Пораките на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Македонија, според аналитичарите, се избалансирани, но тоа не е доволно. На земјата не и‘ е доволна само вербална поддршка, се вели во Скопје.

Политичките аналитичари во Македонија го оценуваат како балансиран и вербално силен настапот на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Скопје. Пораките за одговорност и надминување на политичката криза, како и вербалната поддршка за евроинтеграцискиот процес на земјата, според познавачите на македонско-германските односи, се значајни и покажуваат дека официјален Берлин е загрижен за политичките случувања во земјата, но не и претерано:

„Очигледно е дека тајмингот на посетата на Вестервеле нема врска со актуелната политичка ситуација, иако тој од сите странци до сега најсериозно ја дефинираше како ’долготрајна внатрешна политичка криза’. Според јавно изнесените ставови, но и според изборот на соговорниците германскиот министер покажа прилично балансиран пристап, кој очигледно не беше во функција на парцијалните партиски интереси, туку во интерес на Република Македонија. Со оглед дека министер за надворешни работи на европската суперсила Германија не ви доаѓа секој ден во посета, политичкото ниво на кое беше примен во Скопје мораше да биде повисоко“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Стево Пендаровски.

Guido Westerwelle führt Gespräche in Skopje

Вестервеле ги повика политичките фактори во Македонија да мислат на иднината

Пораките што ги испрати Вестервеле во Скопје, според поранешниот дипломат Ристо Никовски, отворено покажуваат дека Германија само вербално го поддржува зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО. Тој предупредува сека сите кои ја следат политиката - прво името, а потоа членство - практично го блокираат интегрирањето на Македонија и ја уценуваат да се прекрсти, што би било погубно за народот и државата, но и за регионот:

„Ако Германија навистина ја поддржува Македонија треба да се ангажира нејзиното зачленување да биде без одлагање и со референцата. Тоа би значело политика според владеење на правото, а не на силата, и почитување на судот во Хаг, а преку тоа и на меѓународниот правен поредок. Берлин мора да е свесен дека барем додека трае кризата во Грција, решение за името не е можно. Германија е неспорен лидер во Европа, но очигледно во однос на Македонија не сака да се експонира, како во случајот со Хрватска. Од кои причини, тоа е сосема друго прашање“, коментира Никовски.

Гидо Вестервеле, кој по петнаесет години е првиот германски министер за надворешни работи што беше во официјална посета на Македонија, ги повика политичките фактори во земјата да мислат на иднината и на интересите на граѓаните. Изразувајќи загриженост од актуелните состојби, тој повика на одговорност и компромис и враќање на демократската соработка во насока на националниот интерес, односно големата, како што ја нарече, меѓународна агенда на која работи земјата. Тој нагласи дека Германија стои зад европската перспектива на сите држави од Западниот Балкан и додаде дека поддршката на патот на Македонија кон Европа ќе продолжи и во иднина.