1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ниските каматни стапки ги одвраќаат Германците од штедење во банка

На Германците им оди добро, но ниските каматни стапки ним не им ја предизвикуваат желбата за штедење. Дали е тоа привремено? Здужението на германските штедилници го вклучува алармот.

„Штеди на време, за да имаш во неволја“ - се чини дека ваквата германска поговорка има мала вредност во моментов. Германските граѓани, кои се означуваат како светски рекордери во штедење, во моментов ставаат се’ помалку пари во банка во однос на порано. Од 100 евра нето-приход само 10,40 евра ќе се тргнат на страна. Пред пет години имаше околу едно евро повеќе. Така стапките на штедење се на најниско ниво од 2012 година, како што покажа овогодишниот „Барометар на имотот“ на Здружението на германските штедилници. Претседателот на здружението Георг Фареншон сепак го вклучува алармот.

„Со 10-процентна стапка на штедење не се покриваат ризиците кои ги носи животот - несреќа, непредвидена болест, промена на работно место“, вели во интервју за Дојче веле Фареншон. Според него, тоа предизвикува загриженост.

Позитивен поглед на иднината

Се чини дека загриженоста не се однесува на финансиските средства на Германците. Економијата цути, невработеноста изнесува 5,3 проценти, просечните приходи растат. Според анкета на штедилниците, 57 проценти од германските граѓани ја оценуваат својата ситуација како одлична и многу добра. Дополнително на тоа, секој четврти очекува дека работите ќе бидат подобри. Само 15 проценти стравуваат дека нивната состојба би можела да се влоши.

Uwe Döhler von der Zeitschrift Finanztest

Уве Делер од весникот „Финанцтест’

Но, ниските камати ги тераат Германците да се воздржуваат своите пари да ги стават во банка. Тие ги трошат парите на купување или, пак, ги вложуваат во сопствен имот. Но, ова не е толку драматично, вели Уве Делер од весникот „Финанцтест“. Меѓународно споредено, Германија и натаму е на врвот во однос на заштедите. Во ЕУ неа ја надминуваат само Швајцарија и Луксембург. Освен тоа, долгот на приватните потрошувачи во англосаксонските земји е многу поголем.

Експертите оценуваат дека високите приходи не значат и процентуално зголемување на стапката на штедење. Шефот на Сојузот на германските штедилници Фареншон апелира и кон политичарите. Бирократските стандарди за советодавен разговор во банките се премногу високи. Тоа ги ограничува клиентите. Според него, затоа е значително намален бројот на советодавните разговори за инвестирање во хартии од вредност. Фареншон додава и дека освен ова, мора да се олесни и пристапот до приватното пензиско осигурување за сите граѓани.