1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ниската вредност на јуанот - трн в око и за Брисел

САД го прават тоа веќе подолго време, но сега се приклучува и ЕУ. Брисел најави намера на денешниот (06.10. 2010) самит ЕУ-Кина да го зголеми притисокот врз Пекинг за брза ревалвација на национална валута - јуанот.

default

Кинеската национална валута - јуан, или како што се нарекува во Кина „ренминби“

САД одамна вршат притисок врз Кина за ревалвација на нејзината национална валута ренминби, што во превод значи народна валута, а во светот е позната уште и како јуан. Во американскиот Конгрес во тек е постапка за донесување закон што ќе овозможи воведување казнени царини за кинески производи. Сега и Европејците најавуваат намера на денешниот самит ЕУ - Кина да го зголемат притисокот за брза ревалвација на јуанот. Кои се причините од кои се раководат Американците и Европејците при ваквото барање?

САД и Кина си ја префрлаат топката

Кинезите, имено, продаваат евтини стоки во САД и со добиените пари купуваат американски државни обврзници. Со тоа спречуваат пораст на вредноста на нивниот ренминби во однос на американскиот долар и, патем, ги финансираат американските долгови. Американците, пак, за купување кинески производи ги трошат парите кои преку обврзниците ги добиваат како заем од Кина. Резултат на ваквите трансакции е дека на секои 4 години двојно се зголемува американскиот дефицит во трговијата со Кина. За урамнотежување на меѓусебниот увоз и извоз, американската влада бара побрза ревалвација на кинескиот ренминби, надевајќи се дека со тоа ќе поскапат кинеските производи и ќе биде намален кинескиот извоз.

Aufwertung Währung China

САД обвинуваат дека Кина спречува пораст на вредноста на јуанот во однос на американскиот долар

Меѓу трговскиот биланс и вредноста на валутите воопшто, нема никаква меѓузависност, смета Хсу Хонгчаи од Кинескиот центар за меѓународна економска размена.

„Во Кина се ниски цените на суровините и на работната рака, а не вредноста на националната валута. Меѓународните концерни, меѓу нив и американските, суров материјал набавуваат глобално, потоа го обработуваат во Кина и ги продаваат производите во целиот свет. Од тоа произлегува суфицит за Кина и ова нема никаква врска со валутата“, образложува Хсу.

Кинескиот експерт за монетарни прашања „ја префрла топката“ кај Американците: притисокот е поради претстојните избори за Конгресот - со оглед на стапката на невработеност од околу 10 проценти, прашањето за соодносот на вредноста на валутите е добредојдена тема за да се одврати вниманието од тамошните проблеми.

Додека еврото беше слабо, ЕУ молчеше

По најавата на кинеската Централна банка дека ќе се откаже од крутото врзување на вредноста на јуанот за доларот, од јуни тој е ревалвиран за само 1,8 проценти. Американците се наивни ако веруваат дека во една несигурна ситуација на светската економија Кина би влегла во ризик да дозволи поголема флексибилност, смета Ролф Лангхамер, потпретседател на Институтот за светското стопанство од Кил.

„Згора на ова, во игра е уште еден партнер со кого не можат да се прават никакви спогодби, а тоа е еврото. Се’ додека вредноста на еврото во однос на доларот слободно варира, кај Кинеската централна банка ќе има несигурност околу тоа како ќе се движи менувачкиот курс на еврото со доларот“, вели Лангхамер.

А од тоа, пак, зависи и конкурентноста на кинеската економија на европскиот пазар. ЕУ е најголем трговски партнер на Кина, поголем од Соединетите Држави. Во периодот на слабост на еврото, во првата половина од годинава, европскиот извоз во Кина доби полет и Европејците молчешкум го следеа американско-кинескиот монетарен спор. Сега, кога американската економија покажува знаци на слабост, а вредноста на еврото расте, и во Европа се бара Кина да се стави под уште поголем притисок во монетарното прашање.

Позначајна ревалвација на јуанот би им наштетила и на САД

Но, веројатноста дека Кинезите би попуштиле е минимална, оти ревалвација на јуанот од, на пример, 10 проценти, во еден потег за речиси исто толку би ја намалила вредноста на кинеските девизни резерви, кои изнесуваат 2,5 билиони долари.

Symbolbild Europa China

Спорот околу вредноста на јуанот е тема на самитот ЕУ-Кина

„Тоа би бил тежок удар за преработувачката индустрија, каде претпријатијата работат со минимални маржи. Пребрза ревалвација би ја загрозила егзистенцијата на многу од нив, а би биле погодени и странските концерни кои се активни во Кина. Тие би биле принудени да се свртат кон други земји, а преселбата на производството би предизвикала дополнителни трошоци. САД не би имале никаков ефект од тоа, оти концерните сигурно не би го преместиле производството во Америка“, вели кинескиот економски експерт Хсу Хонгчаи.

Ролф Лангхамер смета дека некоја позначајна ревалвација на јуанот би им наштетила и на САД, оти огромниот американски долг и гигантските девизни резерви на Кина ионака претставуваат нестабилен систем.

„Секоја нагла промена на тој систем би можела да предизвика шок-реакции во целиот свет, пред се’ слабеење на довербата во доларот , што во сегашнава ситуација би било многу опасно.“

Токму поради недоволната доверба во доларот, јуанот - односно ренминби, веќе денес игра важна улога како пресметковна валута во азискиот простор. Според германскиот експерт Лангхамер, таквиот развој ќе биде мал меѓучекор за јуанот на пат кон валута со која слободно ќе се тргува.

Автор: Данхонг Жанг / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска