1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нирнбершкиот колбас - деликатес стар 700 години.

Колбасот од Нирнберг е дел од историјата на овој град како и црквата на свети Зебалд, во чија близина наводно за првпат во 1313 година бил фрлен колбасот на жар.

Правникот Хартмут Фромер знае сѐ за колбасот од Нирнберг. Тој е втор претседател на здружението за заштита на нирнбершкиот колбас.

„Зошто овој колбас е толку мал? Меѓу другото и поради тоа што и гостилниците биле толку мали. Поголеми колбаси во нив не биле практични. Затоа морало да бидат направени мали“.

Во градскиот архив на Нирнберг над старото богатство бдее Петер Флајшман. Таму се наоѓа статутот од 1313 година - закон за чистота на колбасот.

„Тој предвидува за колбасот да се користи само свински бут. Очигледно имало месари кои не се придржувале до тоа и затоа биле строго казнувани. Во тоа време тоа бил многу, многу висок стандард“.

Околу 150 години подоцна во статутот е внесен и рецепт кој пропишува како се прави нирнбершкиот колбас.

Тогаш како и сега овие колбаси се произведуваат од овчи црева полнети исклучиво со чисто свинско месо и мајоран. Годишно се произведува една милијарда нирнбершки колбаси. Здружението за заштита на колбасот се избори за печат за квалитет. Така во Европа само колбас произведен во Нирнберг може да го носи името на градот. Се разбира произведен строго според рецептот.

„Местото на производство е утврдено како такво и секој може да го користи. Тоа е отворена работа. Но, производителот мора да се придржува до правилата кои ги одреди Здужението за заштита на колбасот“.

Староседелците во Нирнберг јадат најмалку шест колбаси со кисела зелка во сос од кромид или со салата од компири. Никогаш не ги јадат со сенф, туку со рен. А, многу важно е и следново: должината на колбасот смее да изнесува меѓу седум до девет сантиметри.