1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нирнберг - моментен блесок, или клубот се враќа на некогашните позиции?

Фудбалскиот клуб Нирнберг во претходната сезона го сврте вниманието врз себе, како со шестото место во првенството, уште повеќе со освојувањето на Купот на Германија

default

Играчите на Нирнберг го слават освојувањето на Купот на Германија

Навивачите со години сонуваа само за што помалку порази. Но, Нирнберг некогаш беше еден од најуспешните фудбалски клубови во Германија: помеѓу 1920-та и 1968-ма девет пати првак и три пати освојувач на Купот. Потоа уследи “посен” период од речиси 4 децении, се’ до 26-ти мај годинава. Со гол во продолжението на возбудливиот натпревар Нирнберг во Берлин го совлада Штутгарт со 3 спрема 2 и го осови Купот на Германија.

За навивачите едно веќе заборавено чувство: “Откако памтам сум навивач на клубот. Ова никогаш досега не сум го доживеал. Секогаш бевме во Втора или Регионална лига. Лудо е сега да се доживее ова”, “Беше вистински пекол”.

Само еден, вообичаено, остана опуштен – тренерот Ханс Маер, кој во меѓувреме во Нирнберг веќе се здоби со култен статус. “Сепак е ова навистина убава работа, оти знам дека сите вистински приврзеници на клубот толку долго страдаа поради делумно навистина променливите, дубиозни остварувања во последните децении”, рече тој по успехот во Купот. За претседателот Михаел Рот клубот е истовремено играчка, објект за престиж и животно дело. “Не верувавме вистински дека ќе го освоиме Купот, оти клубот толку многу години не беше стигнат толку далеку”, признава Рот.

Одвај да има друг клуб во Германија со толку променливи резултати. Кулминација донесе крајот на 60-тите години на минатиот век, дотогаш недоживеано славење на шампионската титула во 1968-ма. Уште на железничката станица пречек од воодушевените навивачи, а главното славје допрва претстои, извести радио-репортерот.

Тренерот Макс Меркел воведе посебна мотивација: парични премии, делени според оценките што тој им ги даваше на играчите. На крајот се’ се вртеше околу заработувачката, па успехот имаше и своја цена. “Беше тешко откако станавме прваци. Поради парите некој сакаше да дојде во Нирнберг, други да заминат за Берлин, сите ја сменија средината. Ни ги зедоа бисерите од шампионскиот тим”.

Меркел мораше да ја започне новата сезона со 13 нови играчи, првакот испадна од лигата, дотогаш единствен случај во Бундеслигата. Потоа уследија 9 години во второлигашко друштво, па качувања во повисок и испаѓања во понизок ранг. Во 1999-та шок-разврска на првенството во Бундеслигата: Спроти последното коло Нирнберг беше 12-ти, со три бодови предност и подобра гол-разлика – и сепак испадна!

На навивачите на Нирнберг отсекогаш им биле потребни добри нерви, на претседателот уште повеќе. На почетокот на 80-тите години идеите на Михаел Рот за другите членови на раководството одеа предалеку. Фабрикантот за теписи е сега по втор пат на чело на Клубот, негов спонзор и најголем навивач. “Мотивација е успехот, со победи, сеедно каде играш, си постојано мотивиран и автоматски одиш напред. Ништо не мразам повеќе од неуспех” – вели Рот.

Но, тешко е да се повтори минатата сезона со шестото место во првенството и освоениот куп, предупредува претседателот: “Сега, се разбира приврзениците и гледачите ќе постават повисоки цели. Но, мора да внимаваме да останеме на земја. Имаме, без сомнение, квалитетен тим, но тој сега мора да покаже дека може и да го одржи квалитетот”.

Оти, кај навивачите вече нема расположение за променливи резултати и чувства.

Тобијас Елмајер