1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц со ветување дека ќе работи напорно

Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц, пристигна во Македонија и најави дека ќе работи „навистина напорно“ за да се види да ли може да се постигне некаков напредок.

default

Метју Нимиц, како што се очекува, утре (11.01), на средби со македонскиот државен врв, треба да презентира одредени идеи за надминување на долгогодишниот спор околу името, откако тоа вчера го направи во Атина. Засега официјално е најавена само средбата утре изутрина со шефот на дипломатијата Никола Попоски, а дополнително се очекува да се соопшти и агендата за средби со шефот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

Нимиц во Грција имаше средба со премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. По средбата тој изјави дека грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името. Медијаторот Нимиц изрази задоволство што на средбата присуствувал и Самарас и истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“. Тој информираше дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.

„Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме“, рече Нимиц.

Тој нагласи дека не може да открие што презентирал, но изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“. Грчките дипломати посетата на Нимиц на Атина ја оценија како одбележување на „многу раната фаза“ од новите напори за решавање на спорот, пишува денеска провладиниот весник „Катимерини“. Весникот посочува дека извори од МНР потврдиле оти медијаторот не донел специфични предлози туку презентирал „рамка“, која може да биде употребена за да се најде решение. Врз основа на ова, истите извори изразиле оптимизам дека предлогот што ќе го донесе Нимиц на следниот состанок ќе го задоволи барањето на Грција за решение кои ќе содржи географска одредница.