1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц: решението за спорот во рацете на Скопје и Атина

Медијаторот на ОН, Нимиц по средбата со грчкиот преговарач Василакис оцени дека и за Атина е приоритет решавањето на спорот за името.

„Единствено решение за прашањето за името е двете страни да се договорат и, ако изразат волја, да се затвори проблемот. Се надевам дека можеме да се придвижиме во вистинската насока“, изјави посредникот на ОН во грчко-македонските разговорите за името Метју Нимиц по денешната средба во Солун со грчкиот претставник Адамантиос Василакис.

Нимиц го информирал Василакис за разговорите со македонскиот државен врв што тој и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги имаа вчера и завчера во Скопје и во Охрид. Медијаторот Нимиц и синоќа имал работна средба со Василакис.

Прашан за изјвата на Бан Ки Мун дека лично ќе се заложи за решавање на прашањето за името, Нимиц рече дека генералниот секретар има и имал улога во процесот од неговиот почеток.

„Резолуцијата на 817 на ОН и Времената спогодба предвидуваат дека за клучните прашања треба да се разговара под покровителство на Светската организација. Во тоа важна улога има и генералниот секретар со назначените негови претставници за ова прашање, кои редовно му поднесуваат извештај“, рече Нимиц.

Nikola Gruevski und Ban Ki Moon

Никола Груевски и Бан Ки Мун во Скопје

За ОН спорот за името е важно регионално прашање кое ја засега безбедноста во регионот и затоа му се дава приоритет, додаде Нимиц посочувајќи оти Генералниот секретар Бан Ки Мун е многу заинтересиран двете страни да дојдат до решение.

Медијаторот истакна дека властите во Скопје имаат интерес и желба за решавање на прашањето, а според тоа што го слушнал од Василакис тоа е приоритет и на владата во Атина.

Обвинувања на сметка на Груевски

„Единствена желба на грчката страна е да се најде решение за прашањето за името на ПЈРМ. Секако дека многу емотивните изјави не помагаат, но грчката Влада се обидува да направи се што може за полека да се најдеме на вистинската патека“, изјави Василакис.

На средбата со Нимиц, Василакис ги пренел забелешките на грчката страна за тоа што македонскиот премиер Никола Груевски на средбата со Бан Ки Мун го покренал прашањето за македонското малцинство во Грција.

„Премиерот Груевски вчера одржа средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, на која изрази подготвеност за продолжување на преговорите, но се уште ја обвинува Грција за недостиг на прогрес по ова прашање и се наврати на ’македонското малцинство’ во Грција“, изјави Василакис.

Според грчкиот весник „Етнос“, со покренување на прашањето за малцинството, Скопје ја „торпедира“ секоја можност за напредок во разговорите за името, со што велат „го открил своето инсистирање на иредентизам“.

Namensstreit - Gespräche

Метју Нимиц (лево) и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис

„Со ’листата’ која премиерот Груевски му ја презентирал на Бан Ки-мун, се бара признавање на македонското малцинство во Грција и почитување на човековите права, особено правото на образование и култура, како и на правата за враќање на имотите на бегалците од граѓанската војна во Грција, за можноста за двојно државјанство и за слободно движење во Грција“, пишува грчкиот весник.

Претходно во текот на денот и грчкото МНР остро реагираше на пораките кои Груевски ги упати по средбата со првиот човек на светската организација Бан Ки Мун, вчера во Скопје.

Изјавите на македонскиот премиер Никола Груевски се дел од постојаната, заморувачка пропагандна реторика за внатрешна употреба, гласи оценката на грчкото МНР. Оттаму обвинија дека Груевски не ја искористил средбата за напредок во надминувањето на спорот со името, туку за повторување на, како што ја нарекуваат, пропагандната реторика.