1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц притиска, но се чини попусто

Метју Нимиц не донесе предлог решение, но, повика на забрзување на преговорите за името, бидејќи прашањето го засега регионот и светската безбедност. Експертите препознаваат притисок, но, не и можност за скорешен епилог.

Политичките аналитичари во Македонија не очекуваат значајно придвижување во спорот за името по посетата на медијаторот Метју Нимиц на Скопје и на Атина. На разговорите со македонскиот државен врв посредникот не дојде со предлог решение, а нема изгледи дека такво нешто ќе понуди и по разговорите со грчките власти, иако изјави дека за ова ќе одлучи по посетата на Атина.

Универзитетскиот професор и поранешен министер Денко Малевски смета дека е многу тешко да се влезе во фаза на суштински, длабочински преговори во услови кога Македонија и Грција се инволвирани во расправа не само околу името туку и околу сериозни идентитетски теми по прашања на далечната историја. Дотолку повеќе што владата во Атина е преокупирана и со други пред се’ економски проблеми.

Денко Малески

Денко Малески

Освен обидот да се стопи двегодишниот преговарачки мраз Малевски во настапот на Нимиц препознава и зголемување на притисокот кон двете страни: „Имено тој кажа дека станува збор за безбедносен проблем на регионот и дека притисокот да се реши тој проблем доаѓа како што рече, како од ОН и европските држави, така и од САД. Таа сентенца, дека станува збор за безбедносно прашање кое ургентно треба да се реши и спомнувањето на САД што ми се чини дека во минатото секогаш го избегнувал зборува дека притисокот се зголемува на двете страни да се најде решение кое мислам дека многу тешко ќе се оствари“, коментира за Дојче веле Малевски.

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски нов предлог од Нимиц било нереално да се очекува, бидејќи по самитот на НАТО во Букурешт неговата улога била целосно маргинализирана. Процесот според него оттогаш е под целосна контрола на Вашингтон и Брисел: „Тие тоа го преземаа, бидејќи имаа можности да поставуваат услови, да блокираат, можности што Нимиц ги нема. Според тоа мислам дека оваа посета на Нимиц има две основни цели. Прво, да покаже дека процесот не е мртов, заедно со тоа да го тргне вниманието од пресудата на судот во Хаг, и второ да докаже и покаже дека Грција де факто се’ уште е во тој процес, значи не е настрана од него, а тоа е апсолутно неточно и надвор од вистината, бидејќи додека трае кризата во Грција, а тоа ќе биде во следните три до пет а можеби повеќе години, можно решение со Грција не постои“, смета Никовски.

Метју Нимиц изјави дека од македонските власти добил порака за изнаоѓање решение и конструктивни преговори што ќе го пренел во Атина. Тој повтори дека преговорите не се однесуваат за идентитетски прашања, туку исклучиво за името на државата. Денеска Нимиц патува за Атина, каде утре треба да разговара со грчкото раководство.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM