1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц презентираше „сет идеи“

Атмосферата во разговорите е многу подинамична од пред еден месец, велат извори блиски на преговарачкиот процес.

default

Никола Димитров, Адамантиос Василакис и Метју Нимиц

Преговорите не прекинуваат, гласи коментарот на познавачите на состојбите, по вчерашните (11.09.2008) заеднички и одделни средби што Нимиц ги имаше со преговарачите Василакис, Димитров и Протоѓер.

Медијаторот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц понудил модифициран сет на идеи за опсегот на употребата на уставното име, како и решенија за начинот на кој што во ОН ќе се опишуваат македонскиот јазик и нација. Не се зборувало конкретно за варијанти на името. Практично, остануваат осумте варијанти на „Северна“ и „Горна“ Македонија, кои Нимиц ги елаборираше во последниве неколку месеци. Позицијата на Грција гласи - едно име за сите употреби, а Македонија настапува со двојна формула. За првпат досега, Василакис директно дал коментар поврзан со прашањето на македонскиот идентитет. Според него, Грција би сакала Македонците да се нарекуваат Славомакедонци, а нема ништо против ако во графата за јазикот во ОН стои македонски, но само ако зборот е напишан на англиски јазик, што е неприфатливо за македонската страна.

Никола Димитров и Мартин Протоѓер на Нимиц му предале леток во кој грчките националисти бараат на север Грција да се граничи со Србија, чин кој медијаторот го осудил и рекол дека е штетен за процесот.

Нимиц: „Има добра основа за решение“

И покрај очигледните неприфатливи делови од најновиот пакет мерки на Нимиц, тој сепак смета дека двете страни сега имаат добра основа која би можела да донесе решение: „Се работи за пакет на идеи, кои се структура за решение. Лично мислам дека во него има елементи кои се основа за чесно и конструктивно решение. Но, очигледно е дека двете страни ќе треба да кажат дали во оваа линија има некои работи кои можат да бидат од помош во процесот“, изјави медијаторот Нимиц.

На средбата, на Василакис му било укажано дека грчкото барање – третите земји (вкупно 120) кои ја признаа Македонија под уставното име, да го прифатат евентуалното ново име, нема правна, ниту политичка основа. Расположениот Василакис, по заедничката средба, побарал двете страни да најдат решение за да можат да продолжат да живеат како добри соседи. По неа тој замина на итна средба со генералниорт секретар на ОН, Бан Ки Мун, со кого соработува долги години. Тема на разговорот била прашањето за името.

Василакис не е среќен

Пред новинарите, Василакис призна дека не се чувствува среќен: „Среќен ќе бидам тогаш кога ќе дојдеме до решение и ќе ги приближиме земјите. Очигледно е дека вие нема да заминете од регионот во кој што сте, Грција исто така. Затоа, треба да најдеме компромисно решение, кое ќе ни‘ овозможи да живееме во нормални услови. “

Модифицираниот сет идеи на Нимиц, презентиран во Њујорк, ќе им биде доставен на државните врвови во Скопје и Атина и за најдоцна две недели се очекува средба од која што ќе зависи дали ќе дојде до средба на министрите за надворешни работи, Антонио Милошоски и Дора Бакојани за време на генералното собрание на ОН. Нимиц, инаку, не сугерирал такво нешто, но ја остава вратата отворена и за таква варијанта.

DW.COM