1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц оптимист за решавање на прашањето за името

Грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името, изјави медијаторот Метју Нимиц по денешната (09.01) средба со грчкото раководство во Атина.

Медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името, Метју Нимиц, денеска во Атина одржа средба со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, на која дваесетина минути присуствуваше и премиерот Андонис Самарас. Медијаторот изрази задоволство што на средбата присуствувал и шефот на грчката Влада Самарас и истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“, јави дописникот на агенцијата МИА од Атина. Нимиц информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.

„Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме“, рече Нимиц.

Тој нагласи дека не може да открие што презентирал и повтори дека се бара заемно прифатливо решение за прашањето за името. Нимиц најави оти утре оди за Скопје за да разговара со македонската Влада и изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“.

„Бараме заемно прифатливо решение за прашањето за името. Сите знаат за што станува збор, спорот постои веќе 20 и повеќе години, ни треба формулација која ќе функционира. Продолжуваме да се обидуваме, мислам дека има конструктивно размислување во моментов и тоа ми дава надеж“, истакна медијаторот.

Запрашан дали сега е време за решавање на името, Нимиц рече дека ова го работи долго време и прашањо е дали има време кое е совршено за решавање на ова прашање.

„Има две земји, различни влади, различни работи се случуваат и во целиот период во кој работам на ова прашање, никогаш не е апсолутно совршено време. Затоа мора да се употреби времето што се има конструктивно и сигурен сум дека оваа Влада во Атина, иако има многу прашања на маса, таа е многу искрена по ова прашање и сака да се реши. И во Скопје се надевам дека ќе има сличен став“, изјави медијаторот.

На прашањето дали е оптимист, тој одговори потврдно. „Ако не бев оптимист немаше се’ уште да го работам ова“, нагласи Нимиц денеска во Атина.