1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц на средба кај Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел се сретна на краток разговор во Берлин со Метју Нимиц, посредникот во македонско-грчкиот спор. Меркел и Нимиц се согласиле дека пречките, ако постои политичката волја, се надминливи.

Меркел му се заблагодарила на Нимиц за неговото долгогодишно посредништво во спорот за името, стои во соопштението од германската влада. Меркел дискутирала со Нимиц за „актуелната состојба во неговите напори“.

Во соопштението стои дека Меркел и Нимиц се согласиле дека „пречките доколку постои соодветна политичка волја во главните градови Атина и Скопје би биле надминливи“. Меркел го уверила Нимиц дека германската влада ќе продолжи да го поддржува во неговата натамошна работа.

Извори за Дојче веле од Берлин велат дека оваа средба била планирана од порано со цел германската страна да се информира за актуелните движења во спорот околу името директно од медијаторот Нимиц. Не се пренесени никакви конкретни заклучоци ниту ставови, што е индикатор за големата претпазливост на Германија по ова деликатно прашање.

Владата во Берлин во дописот до медиумите дава кратка историја на македонско-грчкиот спор за името. Таа потсетува дека грчката влада се противи на користењето на државното име „Република Македонија“, на кое полага право нејзиниот северен сосед. Германската влада потсетува дека двете земји се договорија со Времената спогодба од 13.09.1995 година дека под покровителство на ОН ќе преговараат за решение на спорот за името. Германската влада појаснува дека го користи називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, под кој земјата сега е членка на ОН.

Германската влада во своето соопштение нагласува дека „како ЕУ, така и НАТО повеќепати едногласно одлучија дека решавањето на спорот за името во заемна согласност е предуслов за почеток на пристапните преговори за прием со ПЈРМ“.