1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц на разговори во Атина

Медијаторот во спорот за името Метју Нимиц денеска доаѓа во посета на Грција, a потоа и на Македонија. Иако нема официјална најава, Атина и Скопје очекуваат тој да донесе нови идеи за надминување на долгогодишниот спор.

Шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос во пресрет на посетата на Нимиц изјави дека Грција сака решение кое ќе ги задоволи основните национални позиции, со почитување на историјата и културата на сите и кое ќе ја зајакне регионалната стабилност и безбедност,

Griechenland Finanzminister Dimitris Avramopoulos

Димитрис Аврамопулос

„Турнејата на Нимиц е развој каков што сакаме затоа што може да создаде услови за напредок во однос на прашањето за името. Тоа е резултат на нашата иницијатива за потпишување на меморандумот меѓу двете земји, во кој се поставува рамката за решение“, рече Аврамопулос. Тој потсети дека во заклучоците на Советот на министрите од декември се вели дека за да се почнат пристапните преговори треба прво да се решат сите отворени прашања за добрососедските односи, а „во случајот на Скопје е изнаоѓање на решение за прашањето за името“.

Во меѓувреме, медиумите во Грција шпекулираат со конкретни педлози кои според нив, Нимиц ќе им ги презентира на грчките и на македонските власти.

„Катимерини“ објавидека Нимиц доаѓа со нов предлог за името. Грчкиот информативен портал „Капитал“ претходно објави дека медијаторот Нимиц најверојатно на маса ќе ја стави најстарата идеја за решавање на прашањето за името: „Република Северна Македонија“. Според порталот, Нимиц наместо да предлага стара идеја, требало да го „оживее“ процесот на разговори што веќе беше постигнато до некоја мера за време на неговите последни состаноци со претставниците на двете страни. Весникот „Етнос“, пак, објави оти предлогот со кој ќе дојде Нимиц во регионот би вклучувал географска одредница, без да се знае дали тоа ќе биде префикс на „Македонија“ или на „Република“, а нема воопшто да задира во прашањата за идентитетот и јазикот.

Gorge Ivanov

Ѓорге Иванов

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред новогодишните празници изјави дека очекува посредникот на ОН да презентира нови иницијативи и идеи за решавање на прашањето за името. „Се надеваме дека ќе има нови иницијативи и нови идеи за кои ќе треба да разговараме. По посетата на генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун во Македонија, состојбите се менуваат. Се чувствува негов личен ангажман и настојување Нимиц да биде поактивен за да може процесот да се одвива и да не стои во место“, изјави претседателот Иванов.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, пак, не сака да ги коментира очекувањата од посетата на Нимиц додека медијаторот не ги изнесе своите ставови.