1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц на нови средби со Јолевски и со Василакис

Посредникот на ОН во разговорите за името амбасадорот Метју Нимиц денеска и утре во Њујорк ќе одржи нова рунда разговори со претставниците на Македонија и на Грција Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Службата за информирање на Обединетите нации соопшти дека посредникот во спорот за името меѓу Македонија и Грција најнапред ќе води одделни разговори со Јолевски и со Василакис, а потоа ќе биде одржана и заедничка средба.

Најавеното продолжување на разговорите во Њујорк следи неполн месец по посетата на Нимиц на Македонија и на Грција. Тој за време на посетата истакна оти е охрабрен од разговорите во Скопје и во Атина и најави дека ќе ја забрза динамиката на преговори во Њујорк. Со двајцата преговарачи, Јолевски и Василакис, посочи Нимиц, ќе работи на разработка на идеите кои се конструктивни и обмислени и се надева оти ќе има напредок.

Во меѓувреме, еврокомесарот за проширување Штефан Филе предложи трилатерална средба со шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос, со цел Европската комисија да има директен увид во процесот на преговорите за името и да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот Совет на ЕУ.

Македонската страна го прифати предлогот оценувајќи го како позитивен и добредојден, и како можност за дополнително градење доверба меѓу двете земји.

Официјална Атина, пак, го одби со став дека во оваа фаза нема потреба од трилатерална средба и оти најпрвин треба да се види што ќе произлезе од претстојниот состанок на претставниците на двете земји со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк на 29 и 30 јануари.