1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц на вистинско место во погрешно време

Посетата на медијаторот Нимиц на Македонија нема да ги даде очекуваните ефекти поради институционалната криза и предизборните тензии во земјата, велат аналитичари кои го следат преговарачкиот процес.

Ако во многу претходни случаи било неизвесно што ќе донесе посетата на медијаторот на ОН Метју Нимиц, овој пат однапред е извесно дека таа нема да има ефект од неколку причини, вели Стево Пендаровски, универзитетски професор и автор на книгата „Македонската надворешна политика 1991-2011" промовирана пред десетина дена. 

„Грчката позиција е грчкиот меморандум. Македонска позиција се Хашката пресуда и Привремената спогодба. Тие две позиции се 'близу' како земја и небо, а посетата на Нимиц се случува во време кога има еден лош и еден неповолен момент. Првиот е институционалната криза, а вториот-фактот дека влегуваме во предизборен период, кога вообичаено се зголемуваат политичките тензии. Во такви услови и околности тешко е да се очекува каков било ефект од посетата на медијаторот Нимиц", вели Пендаровски.

Експертската јавност, генерално не очекува дека зад повторувана фраза „сет нови идеи" во куферот на Нимиц се кријат нови иницијативи, без оглед што грчки медиуми тврдат дека медијаторот доаѓа со нови или обновени предлози.

Frckoski Kandidat Wahlen in Mazedonien

Проф. Љубомир Фрчкоски

И поранешниот министер за надворешни работи Љубомир Фрчкоски смета дека во овој момент не може да се очекуваат никакви ефекти, иако е сосема јасно дека процесот мора да тече независно од институционалната криза.

„Контекстот е константен. Грција има став, кој ќе ја изложи македонската политичка елита на бришан простор да се изјасни, да излезе на чистина. Но, актуелната институционална криза може да биде искористена и како дополнителен елемент токму за да се избегне соопштување став", прогнозира тој.

Импулс за процесот

Поголем оптимист е политикологот и поранешен амбасадор, Димитар Мирчев, иако не верува во експресни решенија. Тој смета дека со оваа посета на медијаторот е можно извесно придвижување на процесот на разговори, кој веќе подолго време е во застој.

„Нимиц е добро запознат со ставовите на двете страни и со точките на кои тие се чувствителни. Има доволно дипломатско и меѓународно-правно искуство за да предложи заемно прифатливо решение. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, позначајното ангажирање на Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, како и препораката на Европската комисија за рамка за преговорите на Македонија со ЕУ, објективно водат кон побрзо изнаоѓање решение. Не верувам во експресни решенија, ниту пак политичката јавност на двете земји е подготвена за такви решенија. Но, во оваа фаза доволно е двете страни да реагираат позитивно на некој нов предлог и да изјават дека тој би бил добра основа за напредок во изнаоѓање трајно решение. Самото тоа би било импулс за процесот. Мислам дека позитивен сигнал е и изразената понуда на повеќе пријателски земји, па и свеста во ЕУ и ЕП за потребата од посредување во заокружување на разговорите", вели Мирчев.

Дипломатски извори кои се повикуваат на извори во ОН, велат дека е можно Нимиц да врати „во игра" некои предлози од минатото кои во еден период и во одредени политички околности не биле прифатливи, но сега би можеле да бидат. Со оглед дека „црвените линии" на Грција и Македонија во меѓувреме не се променети, засега е тешко да се претпостави кои би биле тие предлози.

Поврзана содржина