1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц најавува ново доаѓање во Скопје и Атина

Серија предлози на посредникот на ОН Метју Нимиц за надминување на грчко-македонскиот спор за името изнесени на средбата со преговарачите на двете земји во Њујорк.

Ако под напредок може да се прифати тоа што грчкиот амбасадор Адаматиос Василакис и неговиот македонски колега Зоран Јолевски во Њујорк, освен во одделни средби со амбасадорот Метју Нимиц имаа и трипартитна средба и за проблемот околу македонското државно име разговараа сите заедно, па дури имаа и заеднички ручек, тогаш, овој пат, во ООН, навистина е направен можеби минимален, но сепак прогрес.

За тие, како што вообичаено се вели „конструктивни преговори”, на новинарите по подолго време им зборуваше специјалниот пратеник на генералниот секретар на ООН, американскиот амбасадор Нимиц.

ЕУ - посебен колосек на препораки

„Оваа медијација која ја имаме овде во Обединетите нации е во рамките на релевантните резолуции на Советот на безбедност на ОН И Времената спогодба за да се обидеме да најдеме солуција за името. Затоа работевме мошне многу на тоа. И јас дадов некои сугестии, обидувајки се да направиме прогрес”, рече Нимиц.

Од друга страна преговарачот на ОН направи јасна дистинкција помеѓу опсервациите на ЕУ и Европската комисија од каде се сугерира дека Македонија би можела да оствари напредок кон евроатланските интеграции и пред Атина и Скопје да се договорат за финалното решение околу македонското државно име.

„Процесот од страна на ЕУ е комплетно раздвоен процес, тој оди по своја сопствена динамика, додека Европската комисија очигледно е таа која што е задолжена за правење препораки таму и водење на тој процес”, кажа Нимиц. Тој додаде дека има голем почит кон Европејците во таа смисла, апострофирајки ја важноста на приемот на Македонија во НАТО И ЕУ, но „според тајминг кој не е во неговата надлежност”.

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien

Метју Нимиц и Зоран Јолевски, архива

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата без влијание?

Нимиц изјави дека во неколкучасовните разговори во ОН помеѓу грчкиот и македонскиот преговарач стана збор и за пресудата на Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) во полза на Република Македонија:

„Тоа прашање е поставено овде, имавме за тоа дискусија, и како што знаете, пресудата на ИЦЈ, која што јас ја прочитав внимателно како што ја прочитав и Времената спогодба исто така внимателно – таа овде не беше стриктно врзана за нашите преговори око името”.

Нимиц исто така потврди дека на преговарачите им понуди неколку предлози, откако ги има сослушано идејите на преговарачите. Но за тие идеи и своите сугестии Нимиц одби да зборува овој пат пред новинарите.

Македонскиот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски пред новинарите во врска со понудениот пакет на решенија, за кој од порано се знае дека содржи предлози за името, јазик и националниот идентитет, порача дека Македонија и покрај тоа што останува посветена и отворена кон дијалогот - нема да отстапи од она што се подразбира под зачувување на национален дигнитет.

„Македонија останува посветена за изнаоѓање на заедничко решение које што ќе го зачува идентитетот на македонскиот народ и тоа треба да биде во склад со меѓународното право и меѓународните принципи”, кажа Јолевски.

Грчкиот „Меморандум на разбирање”

Откако јавно ги пофали амбасадорот Нимиц и генералниот секретар на ООН Бан Ки Мун поради нивната посветеност на овие преговори, грчкиот преговарач Василакис предочи дека Атена од своја страна понуди „Меморандум на разбирање”, како израз на добра политичка волја, како што тоа го појасни за Македонската програма на ДВ. Инаку Василакис беше единствен од преговарачите кој се согласи барем на кратко да разговара со новинарите посебно.

„За да оживее процесот (на преговори, н.з.) ние го предложивме овој меморандум. И тоа е тоа! Ако тие (во Скопје, н.з.) сакаат, тогаш треба да сторат нешто”, кажа неодредено грчкиот преговарач, очигледно префрлувајќи ја топката кај македонските политичари.

Василакис појасни дека тоа се однесува на принципите и врз база на она што е усогласено во рамките на резолуцијите на Советот на безбедност на ОН, резолуциите број 817 и 845, како и во Времената спогодба.