1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц најавува нова можна средба во октомври

Долгогодишниот посредник во спорот, Метју Нимиц, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов најавува скори разговори на преговарачите во спорот за името и можна посета на регионот.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со спорот меѓу Македонија и Грција, е значајна, и на неа треба да се обрне внимание, изјави посредникот на ОН во македонско-грчките рагзовори за името Метју Нимиц, по средбата со претседателот на Република Македонија Иванов во Њујорк.

„Мислам дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата заслужува да биде проучувана и набљудувана. Јас не сум експерт за овој конкретен аспект, тоа не спаѓа под мојот мандат кој е медијација меѓу двете земји според резолуциите на Советот за безбедност и Времената спогодба. Одлуката на МСП се однесува на други аспекти и во мојата улога јас не се занимавам конкретно со ова прашање. Но, јасно е дека МСП е една од големите светски институции и неговите одлуки заслужуваат полна почит“, изјави амбасадорот Нимиц по средбата со Иванов.

Долгогодишниот посредник во спорот, како што јавува дописникот на МИА, најави дека негов следен чекор ќе биде организирање на средба на двајцата именувани преговарачи, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, и тоа веројатно во рок од еден месец, а дека размислува и да го посети регионот, кога ќе направи проценка дека е најдоброто време за тоа. Нимиц рече дека во Њујорк, освен со Иванов, имал средба и со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, и притоа добил уверувања дека двете страни се подготвени за разговори. Додаде дека од Аврамопулос добил уверување дека исклучително тешката финансиска состојба на Грција не значи дека оваа земја нема капацитет да работи и на решавање на спорот за името.

„Економската, финансиската состојба во Грција е многу сериозна. Очигледно е дека тамошната влада работи многу напорно на кризата, и дека тоа е нивниот прв приоритет, искрено тоа е прв приоритет и за целиот свет. Ние тука во Америка и нашата економска ситуација зависиме од тоа дали Европа ќе успее да ги надмине своите прашања, при што европските проблеми се проблеми на сите нас. Тоа е големо прашање, но министерот Аврамопулос ме уверуваше дека нивната Влада е целосно способна и заинтересирана да се справи и со овој проблем, дека во Грција има влада, и таа можела да се справува со сите прашања. Не мислам дека економските прашања во Грција, колку и да се тешки, би требало да ги спречат да работат и на ова прашање, и се надевам дека ќе се разреши“, изјави Нимиц.

Тој го истакна и личниот ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој по неодамнешната посета на Македонија телефонски разговарал со грчкиот премиер Андонис Самарас, да се интензивираат разговорите.

„Тоа е добра вест за мене, бидејќи овие разговори навистина беа бавни во изминатата година, од повеќе причини. Решение требаше одамна да се најде, и овој спор создава многу фрустрации во меѓународната заедница и во регионот. Знам дека генералниот секретар на ОН силно сака ова да се случи, и даде навистина силни инструкции да се види што може да се стори за да ги приближиме двете земји поблиску“, изјави Метју Нимиц.