1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц доаѓа во Скопје и во Атина

Дводневната рунда разговори во Њујорк заврши без спектакуларни резултати. Новина е единствено најавената посета на Нимиц на Македонија и на Грција, за која нема прецизен датум.

default

Амбасадорот Метју Нимиц

Посредникот на ОН во процесот за решaвање на спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц наскоро ќе ги посети Скопје и Атина. По дводневната рунда разговори со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк, Нимиц со писмено соопштение оцени дека се работело за конструктивни средби.

„Двете страни ги презентираа моменталните позиции за прашањето за името на своите влади. Нашите дискусии беа корисни и фокусирани на изнаоѓање оптимална можност за придвижување на процесот напред на конструктивен начин. Ми беа дадени цврсти уверувања дека секоја влада е искрена во нејзиниот интерес за изнаоѓање решение и дека тие целосно го почитуваат процесот во рамки на Обединети нации“, се вели во изјавата од Нимиц.

Од македонското МНР утрово оценија дека средбите во Њујорк минале без напредок.

„Во тој контекст, жалиме што не дојде ниту до заедничка средба меѓу двете страни. Посакуваме да надвладее духот на конструктивен дијалог и соработка како единствен начин на надминување на разликата. Република Македонија останува цврсто посветена за максимално динамизирање на дијалогот на сите можни нивоа и изнаоѓањерешение за овој билатерален спор“, се вели во соопштението од МНР.

По завчерашната прва средба со Нимиц, македонскиот преговарач Јолевски изјави дека Македонија останува посветена на процесот.

„На средбата со амбасадорот Нимиц го информирав дека владата на Република Македонија останува посветена на процесот под покровителството на Обединетите нации, за да се најде заедничко прифатливо решение, кое што ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија, во согласност со меѓународните норми и меѓународното право”, изјави Јолевски.

Автор: БГ/ АТ/ миа

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM