1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нимиц-Ахмети: Најдобро време за решение за името

На работен ручек во Њујорк лидерот на ДУИ Али Ахмети разговарал со медијаторот Метју Нимиц за последните случувања околу преговорите за прашањето за името меѓу Македонија и Грција.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, кој престојува во повеќедневна посета на САД, вчера во Њујорк се сретнал со медијаторот Метју Нимиц (фото горе - во средина), како и со амбасадорите на САД, Велика Британија и Франција во Обединетите нации (ОН), соопшти денеска (11.05) ДУИ.

Ахмети и  Нимиц на работен ручек разговарале за работата на Нимиц, кој е посредник на ОН за прашањето со името меѓу Грција и Македонија, како и за последните случување околу преговорите за спорот со името.

„Ахмети и Нимиц се согласиле дека сега е најдоброто време да се реши ова прашање и дека политичарите треба со храброст да преземат значајни одлуки за да ја осигураат иднината на земјата“, се вели во соопштението на ДУИ.

Нимиц му се заблагодарил на Ахмети за вредните совети, како и за неговата поддршка во смисол на помагање на процесот, додека Ахмети упатил апел до меѓународната заедница за поголема поддршка кон процесот на посредувачот Нимиц.

Претходно, Ахмети во претставништвото на САД при Организацијата на Обединетите Нации се сретнал со амбасадорката Розмари ди Карло.

Соговорниците размениле спомени од, како што се наведува, нивната успешна соработка во 2007 и 2008 година, при што Ахмети нагласил дека еден таков сличен меѓународен поттик е потребен и денес кога треба конечно да се реши прашањето со името.

Gebäude der UNO in New York

Седиштето на ОН во Њујорк

„Амбасадорката Ди Карло ја подвлече американската поддршка за интеграцијата  на Македонија во НАТО, но и потребата за постигнување компромис со јужниот сосед околу прашањето со името што ја држи Македонија далеку од Евроатлантските структури“, се наведува во соопштението.

Претседателот на ДУИ исто така одржал средба со амбасадорот Мајкл Татам од британската Постојана Мисија во ООН, кој имал големи познавање за регионот и Македонија уште од 2001 година.

„И британскиот Амбасадор нагласи дека неговата земја силно го поддржува патот на Македонија кон НАТО и ЕУ и истовремено ги охрабри политичките лидери да преземат напори за да го реализираат овој процес што е можно побргу“, стои во соопштението.

Ахмети и’ се заблагодарил на Велика Британија за придонесот во Македонија и потсетил дека за мирот во Македонија загина еден британски војник. Тој побарал поголемо ангажирање на Лондон кон решавање на прашањето со името.

Лидерот на ДУИ имал работна средба и во француската Постојана Мисија во ООН во Њујорк, при што изјавил дека Франција е земја пријател на Македонија и Грција и ја поканил да го искористи своето влијание кон решавање на спорот со името што ќе овозможи интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, што пак претставува дополнителен чекор кон мирот, сигурноста, стабилноста, но и економскиот развој и социјалната благосостојба.