1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Никој не може да ја запре Борусија Дортмунд

Ниту Бајерн Минхен не успеа да ја запре забревтаната Борусија Дортмунд во нејзиниот поход кон титулата. Дербито на сезоната во германската фудбалска Бундеслига им припадна на младите ѕвезди од Дортмунд.

default

Радост на играчите на Борусија (Д) по победата над Бајерн

Тоа беше навистина голем меч. И не само на хартија. Борусија Дортмунд го совлада Бајерн со 3:1 среде Минхен и ја забележа првата победа на гостински терен над рекордерот по бројот на титулите по пауза од 19 години. Но, и по историскиот успех младите играчи на Дортмунд одбиваат да зборуваат за титулата. Стрелецот на третиот погодок Матс Хумелс вели дека е се уште рано за тоа, и покрај предноста од 12 бода на чело на табелата.

„Не сум сигурен. Кога сега би го кажал тој збор не знам како ќе звучи. Но знам дека на противникот не му дозволивме многу шанси за гол во второто полувреме. На тоа сме многу горди“, рече Хумелс.

Бајерн со поразот падна на 4-то место со 16 бода заостанување зад Борусија. И првиот конкурент Бајер Леверкузен киксираше во неделата на гостувањето кај Вердер. Бајер прокоцка предност од 2:0 во последните пет минути од мечот. Реми кое делува како пораз, оцени капитенот на Бајер, Симон Ролфес.

„Дефинитивно, го контролиравме мечот и заслужено водевме со 2:0. Потоа се ориентиравме само на одбрана. Повеќе никој не напаѓаше. Потоа почна да ни летаат топки во шеснаесетникот и секогаш постои можност некоја од нив да влезе во голот. Не можам да сфатам како го дозволивме тоа кога веќе го добивме мечот“, изјави Ролфес. Леверкузен остана на втората позиција со 12 бода заостанување зад Дортмунд.

Хановер во битка за излез во Европа

Flash-Galerie Werder Bremen - Bayer 04 Leverkusen

Продл го прославува израмнувачкиот гол за Вердер во дуелот против Бајер

За Хановер продолжува извонредната сезона. Тимот се искачи на третото место на табелата по победата на гостувањето кај кандидатот за испаѓање Сенкт Паули. Триумфот од 1:0 значеше и 14-та победа сезонава за тимот на Мирко Сломка.

„Мислам дека имавме повеќе шанси за гол. А на крајот Кристијан Шулц беше едноставно на вистинското место за победничкиот погодок. Секако ова е за нас одлично, особено што победата ја постигнавме без Ја Конан“, рече Сломка.

Екипата на Мајнц се зацврсти на петтата позиција која води во европските натпреварувања по победата на гостувањето кај Хофенхајм од 2:1.

Шалке се мачи, Келн препороден

Минатогодишниот вицепрвак Шалке продолжи да се мачи во првенството. Во саботата на домашен терен, тимот на Феликс Магат едвај извлече бод против Нирнберг, играјќи 1:1.

„Мислам дека со играта во првото полувреме заслуживме еден бод. Во вториот дел бевме под притисок 15-ина минути, а потоа го примивме и израмнувачкиот погодок, кој според мене беше малку несреќен. Во секој случај, мојот тим денеска заслужи комплимент за играта. Кога ќе ги изземам недостатоците, задоволен сум со освоениот поен“, изјави тренерот на Нирнберг, Дитер Хекинг.

Fussball Bundesliga 2011 24. Spieltag 1. FC Köln SC Freiburg

Лукас Подолски (Келн) повторно е во врвна форма

Продолжи и пролетната ренесанса на Келн. Во петтата победа по ред на домашен терен беше поразен Фрајбург со 1:0, и со трите бода Келн се искачи на 11-то место на табелата. Извонреден гол, вреден три бода постигна Лукас Подолски кон крајот на мечот.

„Во последните неколку недели собравме многу самодоверба, и не сакавме да го браниме резултатот, туку напаѓавме. Игравме до крај со цел да победиме и да извршиме притисок врз Фрајбург и на крајот успеавме во тоа“, изјави голманот на Келн, Михаел Рензинг.

Седум порази без постигнат гол за Франкфурт

Кајзерслаутерн се’ уште чека на првата победа во пролетниот дел од сезоната. И покрај водството од 1:0, тимот мораше да се задоволи со нерешени 1:1 во дуелот против Хамбург на домашен терен, и остана во делот од табелата кој води кон понизок ранг со 24 бода.

Еден повеќе, 25, освои Вердер, а подолу сега се наоѓа Штутгарт со 22 бода, по победата на гостувањето кај Ајнтрахт во Франкфурт со 2:0.

Bundesliga 2011 24. Spieltag 1. FC Köln SC Freiburg

Навивачите на Шалке со транспарент против тренерот Феликс Магат

Резултатот е дотолку позначаен ако се знае дека Штутгарт играше со играч помалку уште од 16 минути по црвениот картон за Делпиер.

„Нема потреба да споменувам дека ова за нас беше многу важна победа. Имавме многу тешка недела, но мислам дека екипата покажа извонредна реакција и повеќе од заслужено победи“, изјави тренерот на Штутгарт, Бруно Лабадиа. За Франкфурт ова беше седмиот пораз на исто толку мечеви во пролетниот дел. Притоа, тимот нема ниту еден постигнат погодок.

Во петокот, во директниот дуел меѓу конкурентите за опстанок, Волфсбург ја совлада Борусија Менхенгладбах со 2:1, благодарение на извонредниот Диего и за момент побегна од дното на табелата.

Автор: Оливија Фриц/Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев