1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Никој не може да се снајде во „џунглата“ на даночните стапки

Данокот на промет, и во Германија наречен данок на додадена вредност, е најголема и најважна ставка во државните приходи. Но, даночната правна регулатива во Германија е непрегледна и тешко сфатлива.

default

Што имаат заедничко тартуфи, тркачки коњи и венци од свежо цвеќе? Одговор на загатката веројатно не можат да дадат најголем дел од Германците. Имено, сите три при продажба се оданочуваат со седум проценти. Но, ако венецот е од сушено цвеќе, коњот е обичен, а тартуфите се во оцет, тогаш се оданочуваат со 19 проценти. Примеров е илустрација за некои решенија во германскиот даночен систем, посебно во делот со повластена стапка од седум проценти.

Непрегледна и тешко сфатлива даночна регулатива

Данокот на промет, и во Германија наречен данок на додадена вредност, е најголема и најважна ставка во државните приходи. За годинава се очекува тој да донесе во државната каса околу 180 милијарди евра. Но, даночната правна регулатива во Германија е непрегледна и тешко сфатлива. На некои од нелогичностите укажува и либералот Фолкер Висинг, претседател на Комисијата за финансиски прашања на Бундестагот.

„Кај билките и зачините, на пример, босилокот се оданочува со 19 проценти, а коперот со 7. Тоа денес веќе никој не го разбира, а има историски корени: босилекот традиционално бил сметан за лековита билка и се купувал в аптека, па бил оданочуван како лек, додека коперот е традиционална мирудија во германската кујна. Тоа е веќе неодржливо, оти нема никаква смисла“.

Неодамна Сојузната финансиска контрола побара од германската влада темелно да ја преработи повластената даночна стапка. Социјално, културно и сообраќајно-политички мотивирана, таа стапка беше воведена во 1968 година, за да поефтинат добра неопходни за секојдневниот живот. Со неа државата се откажува од приходи од 23 милијарди евра годишно.

„Од тие 23 милијарди нешто повеќе од 17 милијарди отпаѓаат на основни прехранбени средства, вклучително и вода за пиење. Втора најголема позиција се услуги од културата, трета превозот на патници, а потоа следуваат хотелски услуги“, објаснува Волфганг Шојбле, сојузен министер за финансии.

Deutschland Berlin Hotel Steigenberger

Дали хотелите заслужуваат даночни повластици, се води жешка дискусија

Повластиците за хотелиерите-трн в око

Повластувањето на хотелските услуги е трн в око на многумина, дури и меѓу либералите, кои го иницираа пред неколку месеци. Општа е согласноста дека средствата за основните животни потреби треба да бидат оданочени само со седум проценти.

„Тогаш е занимливо прашањето да се дефинира што се основни потреби. Мислам дека во основните потреби на човекот спаѓа и културата и слично, и дека нив не треба да ги редуцираме само на јадење и пиење“, вели Николете Кресл, претставник за финансиски прашања на социјалдемократите.

Од проверката на повластената стапка на данокот на додадена вредност не треба да се очекува многу, предупреди министерот Шојбле.

„Не гледам маневарски простор, а и самиот не сум за покачување на даночната стапка за основните прехранбени средства, како ни за културата“.

Значи, вели Шојбле, реално не може многу да се постигне со евентуално поедноставување на регулативата кај повластените даночни стапки. Сепак, владина комисија треба да ја разгледа оваа проблематика во периодот до 2013 година.

Да не се очекува премногу

Опозицијата се лути и стравува дека во догледно време не можат да се очекуваат резултати. Освен тоа, прашање е и дали повластената даночна стапка придонесува за остварување на посакуваната цел.

Diskussion um Steuererhoehungen bei der Union

Кои производи оправдано треба да се помалку оданочени

„Данокот на додадена вредност во нашиот даночен систем има многу ограничена насочувачка функција и во основа служи само за обезбедување константни даночни приходи. Целите, што сакаат да ги постигнат политичарите со повластено оданочување во одредени области, според научните сознанија не се остварливи“, нагласува либералот Фолкер Висинг.

Повластеното оданочување се’ почесто е предмет на судски спорови. Во изминатите десет години имаше повеќе од 300 пресуди. Министерството за финансии во еден спор мораше да се искаже дали сув мов, оданочен со 19 проценти, ако се навлажни станува свеж мов и потпаѓа под повластена даночна стапка. Патем, одговорот беше - не.

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска