Никој не знае што сака Папандреу | Свет | DW | 02.11.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Никој не знае што сака Папандреу

Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Саркози денеска во Кан ќе разговараат за новата криза што ја предизвика неочекуваната најава на грчкиот премиер Јоргос Папандреу за одржување референдум

default

Јоргос Папандреу

Никој не знае точно кои се мотивите што го натерале премиерот на грчката влада Јоргос Папандреу да ја донесе неочекуваната одлука. Дури и министрите во владиниот кабинет биле изненадени од најавата на премиерот. Портпарол на грчката влада во меѓувреме потврди дека референдумот ќе се одржи како што беше најавено во јануари и дека резултатите од изјаснувањето на народот ќе бидат апсолутно обврзувачки за актуелната влада на ПАСОК. Што се однесува до најавеното гласање за доверба на владата в петок, портпаролот посочи дека владата е уверена оти ќе ја добие довербата на пратениците.

Грчката опозиција меѓутоа бара свикување предвремени избори, а послушност на лидерот на партијата му откажаа и неколкумина пратеници на ПАСОК. Од редовите на владеачката партија се слушаат и гласови за свикување предвремени избори, кои ќе донесат нова влада со голема коалиција за национален спас меѓу ПАСОК и опозициската Неа демократија.

Griechenland Finanzkrise

При тоа одлуката за референдум не би требало многу да изненадува ако се знае дека Папандреу отсекогаш се залагал за користење на инструментите на директна демократија, каков што е референдумот. Како лидер на опозицијата во 2009 година тој се залагаше за одржување референдум за Лисабонскиот договор, што предизвика револт во Брисел. И во 2010 Папандреу ги прогласи комуналните избори во Грција за референдумско изјаснување за неговите мерки за штедење и успеа сепак да остане на власт. Веројатно и овој пат тој се надева дека ваквиот чекор ќе му помогне да го намали притисокот од опозицијата, но и од уличните протести.

Но, референдумот е меч со две острици. Ако не ја донесе посакуваната поддршка на мнозинството граѓани, тогаш може да значи и крај за владеењето на Папандреу. Во секој случај експертите проценуваат дека станува збор за тактички маневар со голем степен на ризичност, меѓу другото и затоа што Грците речиси немаат искуство со референдумско изјаснување. Последен пат таква можност имаа во 1974 година, кога требаше да се изјаснат за укинување на монархијата по крајот на воената диктатура.

Противречни анкети

Анкетите на јавното мнение даваат противречни сигнали што се однесува до успехот на референдумот. Така на анкетата мината недела 60 отсто од 

Angela Merkel und Giorgos Papandreou

Ангела Меркел и Јоргос Папандреу

испитаниците се изјасниле негативно за заклучоците на ЕУ самитот за спас на Грција од должничката криза. Од друга страна, дури 75% посакуваат Грција да остане во евро-зоната. Доколку владата на премиерот Папандреу не го мине гласањето за доверба во парламентот в петок или пак ако народот се изјасни против мерките за штедење, тогаш Грција може да западне во уште потешка криза со можен неконтролиран банкрот и излегување од евро-зоната.

Наспроти најавениот референдум во Грција, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле се изјасни за финансиска поддршка на земјата. „Ако Грција се нафаќа да ги спроведе реформите поврзани со пакетите за помош и ако сака да остане во евро-зоната, тогаш ние ќе и’ дадеме поддршка“, порача Шојбле во денешното интервју за весникот „Фајненшел тајмс Дојчланд’.

Автор: Јанис Пападимитриу/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM