1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Никој не ги штити работниците во БиХ

И покрај температурите кои надминуваат 40 степени целзиусови, работниците во БиХ и натаму мораат да ги извршуваат најтешките физички работи. Не ги штитат ни законот, ниту работодавците

Бран жештини го погоди целиот регион, а БиХ се наоѓа пред најтоплите денови во тековното лето. Живата на термометрите веќе покажува 40 степени целзиусови, а чекалните во болниците се полни ширум земјата.

Синдикатите и годинава апелираа на работодавците токму поради високите температури да извршат прераспределба на работата и да ги заштитат работниците кои работат на отворено. Секул Поповиќ од Сојузот на синдикатите вели дека актуелните температури можат сериозно да го нарушат здравјето на работниците доколку не се почитуваат препораките.

„Особено во секторот на земјоделството, градежништвото, рударството, преработувачката на дрва и кај комуналните претпријатија, треба да се повлечат работниците од отворен простор во периодот од 11 до 17 часот или да се врши замена на работниците на секој час“.

Единствена заштита- крпа на глава

Но, во пракса сѐ е поинаку. Ниту работниците се повлекуваат во тој временски интервал, ниту пак се врши нивна замена. Градежниците работат постојано, а инвеститорите по правило не се расположени да дадат изјава. Работниците на жешкиот асфалт во Бањалука каде температурите достигнуваат и до 50 степени немаат време за одмор.

„Малку вода, во ладовина, и тоа е тоа. Асфалтот гори, но од замена нема ништо. Крпа на глава и работи“, раскажува еден работник кој не сака да го открие идентитетот.

Работниците не ги штити ниту законот за работа, кој не пропишува до кој степен на искористеност на работникот може да се оди во вакви временски услови. Токму поради фактот што не постои законска регулатива се апелира до работодавачите да ја распределуваат работата.

Според прогнозите, најжешките денови во БиХ дури сега следат. Иако сите апелираат да им се пружи заштита на работниците барем во време на најголем интензитет на топлиот бран, речиси и да нема работодавач кој го почитува тој апел. На работниците, како што самите велат, не им преостанува ништо друго, освен да ги почитуваат наредбите затоа што во спротивно можат да станат само дел од статистиката во Заводот за вработување.