1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Николиќ „се учи“ за претседател

Српскиот претседател Томислав Николиќ по победата на изборите направи низа политички гафови. Дали е тоа данок на неискуството во високата политика? Експертите оценуваат дека тој сепак нема да биде „англиска кралица“.

Првите чекори на новиот претседател на Србија Томислав Николиќ предизвикаа големо внимание во земјата и светот, но и низа негодувања поради формулациите на одделни изјави. Изјавите на Николиќ за Сребреница и Вуковар предизвикаа негативни реакции во светот и регионот и, барем моментално, ги расипаа регионалните односи. Некои коментатори како еден од гафовите на Николиќ ја наведуваат и неговата посета на Русија, која се наведува како неофицијална, но сепак се оценува дека тоа не требало да биде првата посета во странство на новиот претседател.

Цвијетин Миливојевиќ, директор на ПР-агенцијата Прагма, за ДВ вели дека е се‘ уште рано да се мери направеното од страна на Николиќ на функцијата претседател:

„Се забележува дека има извесни отскокнувања од дипломатските шаблони во изминатите денови, откако Николиќ се пресели во претседателството на Србија. Но треба да има предвид дека тој нема формирано ни свој кабинет и дека станува збор за некаква инерција. Јас изјавите на Николиќ повеќе ги гледам како изјави на политичар, но не и како изјави на претседател на држава.“

Serbien Präsident Tomislav Nikolic

Поголемиот дел од гафовите Николиќ ги направи на надворешнополитички план, смета Јакшиќ

Досегашниот резултат на Томислав Николиќ е негативен, барем судејќи по она што неговите изјави го предизвикаа, оценува за ДВ Бошко Јакшиќ, надворешнополитички коментатор на весникот „Политика“. Ако се фокусираме само на внатрешната политика, мислам дека е позитивно неговото ветување дека од идниот премиер ќе бара преземање иницијатива за продолжување на преговорите со Приштина и дека и тој самиот ќе се залага за таа иницијатива:

„Мислам дека таа најава или ветување имаат големо значење, зашто тоа значи дека постои подготвеност за преговори и дека тие преговори се креваат на многу повисоко и посериозно ниво, што би требало да овозможи да се дојде и до некакво решение.“

Се учи за претседател

Поголемиот дел од гафовите Николиќ ги направи на надворешнополитички план, смета Јакшиќ. „Мислам дека тоа ќе му биде сериозна опомена и ќе го натера многу почесто да ги консултира своите надворешнополитички советници. Наш проблем е што имаме луѓе што таа работа ја учат на многу одговорни места“, вели Јакшиќ:

„Да речеме, избегнувањето да се спомене зборот геноцид е популистичко додворување на оној дел од јавноста кој се‘ уште не е подготвен да се соочи со минатото. А токму тоа соочување со минатото е нешто што треба да се види како функционира кога е на местото претседател на државата. Тоа се се‘ тестови на кои Томислав Николиќ ќе биде изложен најмалку уште шест месеци, од Брисел до регионот.“

Vladimir Putin und Tomislav Nikolic in Moskau

Некои коментатори како еден од гафовите на Николиќ ја наведуваат и неговата посета на Русија

Цвијетин Миливојевиќ исто така е на мислење дека Николиќ допрва учи што е дипломатија и дипломатско однесување. Иако засега најмногу негативни реакции стигнуваат од регионот, Миливојевиќ смета дека регионалната политика на Николиќ нема многу да се разликува од политиката што ја водеше Борис Тадиќ:

„Мислам дека таа политика, барем онака како што ветија Томислав Николиќ и неговата партија, во принцип е политика на признавање на територијалниот интегритет на соседните држави. Она што во таа политика е ново и што веројатно го изнервира официјален Загреб е директното инсистирање на тоа Хрватска да мора да го реши прашањето на протераните лица и бегалците, односно своите бивши или сегашни државјани од српска националност. Тоа е новина во однос на политиката на Борис Тадиќ, кој на некој начин молкум, барем колку што нам во јавноста ни беше видливо, преминуваше преку некои проблеми.“

Во продолжение на претседателскиот мандат на Томислав Николиќ можеме да очекуваме дека тој максимално ќе ги користи своите уставни овластувања и дека нема да биде „англиска кралица“, вели Миливојевиќ.