1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Николиќ се извини за Сребреница

Српскиот претседател Томислав Николиќ за првпат се извини за масакрот во Сребреница. Тој тоа го направи во интервју за босанската телевизија.

Претседателот на Србија Томислав Николиќ се извини за злосторствата што одделни поединци ги сториле над Бошњаците во име на Србија и српскиот народ.

По прашањето за злосторствата во Сребреница во јули 1995 година, Николиќ во емисијата „Интервју 20“ на босанската БХТ, рече дека „геноцид мора да се докаже“. „Клекнувам поради тоа, еве клекнувам и барам помилување за Србија поради злосторството кое е извршено во Сребреница. Се извинувам за сите злосторства кои во име на нашата држава и нашиот народ ги сторил кој било поединец“, рече Николиќ.

На инсистирање на новинарката дека мора да се согласи со констатацијата дека сето што се случувало во Сребреница имало карактеристики на геноцид, Николиќ истакна дека „се‘ што се случувало на просторите на поранешна Југославија (за време на војните) имало карактеристика на геноцид“.

На констатацијата дека Сребреница сепак има посебна тежина поради 8.000 убиени, Николиќ рече дека поради тоа клекнува и бара помилување за Србија. Српскиот претседател рече дека му е жал поради сите злосторства сторени над Бошњаците и дека ќе им се поклони на жртвите на геноцидот, а најави и дека ќе ја посети Сребреница.

Интервјуто со српскиот претседател треба да биде емитувано на 7 мај. Извадоци од него денеска можеа да се видат преку Јутјуб. Претседателскиот кабинет во Белград за агенцијата АФП ги потврди исказите на Николиќ.