1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Николиќ распиша предвремени парламентарни избори

Српскиот претседател распиша предвремени парламентарни избори за 16 март. Николиќ очекува новата влада да продолжи да ја гради европска Србија.

Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска (29.01) распиша предвремени парламентарни избори во Србија за 16 март. Тој, по поднесениот предлог на Владата, потпиша указ за распуштање на Парламентот и одлука за распишување избори за пратеници во Народното собрание на Србија.

Ова ќе бидат десетти парламентарни избори во Србија од воведување на повеќепартискиот систем, од кои седми предвремени. Српскиот премиер Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ вчера на Николиќ му го врачија образложениот предлог на Владата за распуштање на Парламентот, во кој се наведува потребата за обезбедување поширока поддршка на реформите и модернизација на општеството.

„Со цел да се создадат услови за изјаснување на граѓаните за идната насока на државната политика и за добивање поширока општествена поддршка за забрзани реформи и модернизација на општеството, предлагаме Народното собрание да се распушти, да се одржат нови парламентарни избори и согласно волјата на народот да се избере нова влада“, беше наведено во образложението на предлогот до претседателот Николиќ за распуштање на Парламентот.

Шефот на државата изјави дека на новата Влада и‘ претстои многу работа, а „луѓето, кои ќе бидат избрани, треба да продолжат како досега да ја градат европска Србија, дом кој ќе биде безбеден од криминал и ќе гради своја економија и спроведува реформи“.

„Сметам дека се создадени услови за фер, слободни и демократски избори“, додаде српскиот претседател. Николиќ нагласи дека Србија нема да биде во застој за време на изборната кампања и сите институции ќе функционираат нормално. Истиот ден, на 16 март, ќе се одржат и избори за Собранието на Град Белград.