1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Николиќ дели одликувања како бонбони

Српскиот претседател Томислав Николиќ од почетокот на својот мандат додели околу 250 државни ордени и медали и поради тоа е изложен на низа критики.

Особено беше критикувана одлуката со која беа одликувани лидерите на Руската федерација и на 11 поранешни советски републики: Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргизија, Молдавија, Таџикистан, Туркменистан, Украина и Узбекистан. Критичарите предупредуваат дека одликувањата одат во земји кои не можат да се пофалат со висок степен на демократија, а на друга страна се оние кои сметаат дека таквите критики се злонамерни. Од кабинетот на српскиот претседател е соопштено дека Николиќ ќе ги одликува сите лидери на држави кои не ја признаваат независноста на Косово, како и сите угледни личности во светот кои работат на промоција на српската култура, традиција и на промоција на српскиот народ.

Пратеникот на Либерално-демократската партија ЛДП во Собранието на Србија, Миљенко Дерета, вели дека во процесот на поделба на државните ордени нема никакви критериуми, ниту некаква осмислена политика.

„Тука постои една импровизација, со исклучива желба да се создаде илузија дека имаме пријатели кои работат во интерес на Србија, и дека тие заслужуваат на овој начин да бидат наградени“.

Дерета смета дека односот кон Косово не смее да биде единствениот критериум за доделување државни ордени. Фактот дека ордените заминуваат во земји кои не можат да се наречат демократски говори и за „нашиот систем на вредности“.

„Нашиот внатрешен систем на вредности е таков што ние во надворешната политика гледаме само моментални пријатели, а не долгорочни интереси. Оваа низа ордени тоа го покажува. Некои од тие држави не само што личат на деспотии, туку и луѓето кои ги одликувавме се деспоти. Тоа се загрижувачки

Parlamentswahlen in Weißrussland Lukaschenko

Меѓу одликуваните е и белорускиот претседател Александар Лукашенко

појави за нашата иднина, затоа што го ставаат под знак прашање и ова малку демократија и демократски институции кои се кај нас воспоставени“, вели Дерета.

Диктатурата не е проблем!

Директорката на Иницијативата на млади за човекови права Маја Мичиќ вели дека е поразително тоа што српскиот претседател не гледа никаков проблем во тоа што им доделува ордени на лидери на земји во кои не се почитуваат човековите права и во кои владее диктатура.

„И на некој начин тој индиректно ни укажува дека тоа е пракса која нему му е блиска, и нешто што заслужува орден. Она што мене ме загрижува е што се приближуваме до тој советски, руски, модел на диктатура и апсолутизам, каде било каква слобода на граѓаните е непотребна и треба да се задуши. Затоа не треба лесно да се премине преку овие ордени, затоа што тие очигледно ја покажуваат определбата на Николиќ кон таквото водење политика“, вели Мичиќ.

Оттука непотребно е да се говори за некаков европски систем на вредности, бидејќи српската политика доволно говори каков е нашиот систем на вредности, вели Мичиќ.

„Вртењето кон Брисел и изјавите кои се однесуваат на европските интеграции се празна декларација и Николиќ со многу свои изјави и дела покажува дека не знае што значат европските интеграции, и што носи ЕУ во смисла на вредности. И тој така си игра со некои поими чие значење, дури и ако го разбира, не сака да го застапува во целост во внатрешната политика на оваа држава“, заклучува Мичиќ.