1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Николиќ, голема непозната за ЕУ

ЕУ перспективата на Србија по изборот на Николиќ за претседател е една од централните теми во коментарите на германските весници, кои констатираат оти ситуацијата на Балканот се компликува со смената на власта во Србија.

„Со новиот претседател Николиќ на Србија нема да и биде лесно да го исполни критериумот за пристап во Европската унија наречен добрососедски односи“, пишува Франкфуртер алемајне цајтунг и продолжува: „Косово дури и претходникот на Николиќ, Тадиќ одбиваше да го признае, но барем патуваше во Босна и во Хрватска. За Николиќ меѓутоа тешко е да се замисли дека ќе бидат одмотани црвените теписи во Сараево или Загреб. По падот на диктаторот во Белград Милошевиќ, Николиќ пропагираше разбивање на двете соседни држави за на нивните урнатини да воспостави Голема Србија. Николиќ повеќе не е воен подбуцнувач, но никогаш недвосмислено не се дистанцираше од своите воени изјави - за извинување и да не зборуваме. Во право е кога вели дека за правото на Србите прогонети од Хрватска работите не стојат како треба. Но, Николиќ е последниот кој може да се замисли како адвокат за човековите и малцински права“, смета Франкфуртер алгемајне цајтунг.

„Популистичките најави на Николиќ можеби звучат атрактивно за широките сиромашни слоеви народ“, пишува во весникот Зидојче цајтунг, „но овој политичар се’ уште не докажал дека е демократ кој верува во правна држава. Неговата реторика додуша звучи умерено, тој веќе не бара формирање на големосрпска држава. Но од мрачното минато на Србија (...) Николиќ се’ уште не се дистанцирал. Неговата победа ја комплицира внатрешната и надворешната политика (...)“, пишува во текстот под наслов „Човек со маска“, во кој понатаму читаме: „За новиот претседател сега треба да се суди по неговите дела (...). Тадиќ со години се обидуваше да ги убеди граѓаните дека Србија може да биде член на ЕУ и без признавање на Косово. Таа противречна политика нема иднина. Што порано Николиќ го сфати тоа, толку поедноставен ќе биде патот на Србија во Европа. Како водач на опозицијата, беше непомирлив: ’Ако велат дека можеме во ЕУ, а Косово да не ни припаѓа, ќе кажеме: благодарам и довидување - ние имаме наш сопствен пат’.“

„Со изборот на Томислав Николиќ за нов претседател патот на Србија кон Европа ќе биде значително потежок“, смета и весникот Бадише ноје нахрихтен и продолжува: „Но победа на Николиќ ќе го принуди Брисел повторно да му посвети поголемо внимание на Балканот отколку што беше случај во последно време“, смета весникот.

Весникот Ноје оснабрикер цајтунг констатира дека „на чело на Србија сега е од европска перспектива непознатиот Николиќ. Европските политичари во текот на предизборната кампања пропуштија одблиску да се запознаат со предизвикувачот на Тадиќ. Премногу беа убедени во успехот на Тадиќ. Така треба и да се сфати рефлексната опомена дека Николиќ треба да остане на европскиот пат. Ниту во Брисел, ниту во Берлин не се знае што може да се очекува од политичкиот камелеон Николиќ. Новиот претседател се презентира без јасен курс. Тоа што во предизборната кампања стави акцент на популарни теми, критикувајќи ја социјалната неправда, ветувајќи работни места добро му послужи: Србија е во рецесија. Како националист и приврзаник на Голема Србија, Николиќ во 90-тите се бореше во граѓанската војна во Хрватска, и ги величаше политичарите како Војислав Шешељ и Слободан Милошевиќ, кои завршија пред трибуналот во Хаг за воени злосторства. Постои место за сомнеж во неговата трансформација од антизападен политичар во заговорник на пристапот на Србија во ЕУ“.