1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Никола Саркози e нов претседател на Франција

Победата на кандидатот на десницата Никола Саркози освои 53% од гласовите. На гласање излегоа 85% избирачи.

Никола Саркози

Никола Саркози

Како што се наближуваше 20 часот, така се зголемуваше напнатоста кај симпатизерите на Сеголен Роајал и Никола Саркози во очекување на официјалните резултати. Иако, победникот на изборите беше познат два часа пред затворањето на гласачките кутии, преку интернет страниците на швајцарските весници пренесени и на страницата на париски Ле Монд.

"Никола Саркози е избран за претседател на Републиката со 53 % од гласовите,” беше потврден победникот и на француските телевизиски и радио станици точно во 20 часот.

Резултатот беше поздравен со овација од симпатизерите на Никола Саркози, собрани пред салата Гаво во Париз.

Победата на кандидатот на десницата е убедлива, кандидатката на социјалистите Сеголен Роајал со освоени 47% од гласовите мошне брзо го призна поразот.

"Општите избори ги дадоа резултатите. На идниот претседател на републиката му посакувам да ја исполни мисијата во служба на сите Французи. Од длабочината на срцето им благодарам на околу 17 милиони избирачи кои ми ја дадоа довербата, ја разбирам нивната разочараност и мака”, рече Роајал.

Пораката на Сеголен беше проследена со овации и извици “Благодариме Сеголен”, по што таа ги повика “да продолжат заедно”, исклучувајќи го секое нејзино повлекување од јавниот политички живот.

Наследникот на Жак Ширак, на своите сонародници им вети дека ќе биде претседател на сите Французи. Саркози притоа им испрати порака на европските партнери на Франција.

"Ги молам нашите европски партнери да го слушнат гласот на народите кои сакаат да бидат заштитени. Ги молам европските партнери да не останат глуви на незадоволството на народите кои ја сваќаат Унијата не како заштита, туку како Тројански коњ на сите закани кои ги носат со себе промените на светот.”

Никола Саркози ги осигура и САД дека можат да сметаат на пријателството на Франција:

“Сакам да им кажам дека Франција ќе биде на нивната страна секогаш кога ќе имаат потреба од неа, но исто така ќе им кажам дека пријателството е да се прифати дека пријателите можат да размислуваат поинаку. "

Саркози ги повика САД да станат предводници на борбата против затоплувањето на климата, “бидејќи влогот кој е во игра е судбината на целото човештво”. Притоа, новиот француски претседател додаде дека оваа борба ќе биде приоритетот на Франција.

Веднаш по објавувањето на резултатите, започна и прославувањето на победата на Никола Саркози на плоштадот Конкорд. Околу Обелискот, се собраа илјадници негови симпатизери на гигансткиот концерт на оние кои го поддржаа Саркози во кампањата, како Енрико Масијас, Жилбер Монтањ итн. Во очекување на конвојот на претседателот Саркози, проследемн од глутницата моторизирани камермани и фоторепортери, како да беше во тек ”Тур де Франс". По тричасовно чекање ним им се обрати новиот претседател.

“Вечерва ова е победа на Франција!”, повторувајќи уште еднаш: “Ќе бидам претседател на Републиката на сите Французи, без исклучок!”

Симпатизерите на новоизбраниот претседател предводени од Миреј Матје ја интонираа "Марсељезата".

Додека на Конкорд се славеше, на плоштадот Бастиља дојде до мали судири меѓу младите и полицијата кои протестираа против изборот на Саркози, исто како во Лион, Нант, Лил или Рен.