1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Никола Маџиров добитник на награда во Кина

По успешната промоција во Германија, нови убави вести за македонскиот поет Никола Маџиров пристигнуваат од Кина каде што тој е награден со признание за светска поезија.

Никола Маџиров е добитник на наградата за светска поезија „ДЈС“ за 2011 година која се доделува во Кина. Оваа одлука е објавена на официјалната страница на „Поезија Исток-Запад“, издавач на истоимениот магазин за литература кој негува превод на светска литература на кинески јазик и обратно.
Наградата на фондацијата „ДЈС“ вклучува износ од 1.000 долари и објава на книга на кинески јазик следната година. Поезијата на Никола Маџиров беше објавена на кинески јазик во списанието „Поезија Исток-Запад“ во 2011 година, а за сериозноста на оваа награда зборува и фактот што истата година во истото списание на кинески јазик беше објавена и поезија на нобеловците Вислава Шимброска и Томас Транстромер, на полскиот поет Адам Загајевски и други светски автори.

„Прекрасни идеи и интензивен јазик“

Во образложението на жирито пишува: „Никола Маџиров потекнува од семејство на бегалци од Балканските војни, но тој не го користи јазикот како политичко средство - зад него стои гласот на богатиот балкански фолклор и европската и американска книжевна традиција, со длабоки внатрешни опсервации, прекрасни идеи и користење чист и интензивен јазик“, а понатаму во текстот се наведуваат цитати за неговата поезија од неколку светски автори, како и стихови од книгата „Преместен камен“ и целосна објава на песната „Сенките нe одминуваат“ на кинески јазик.

По оваа награда ќе следува и патување во Кина следната година, каде што ќе биде промовирана неговата книга на кинески јазик.
„Поезија Исток-Запад“ додели и награда за најдобар преведувач на кинеската литература во светски рамки за 2011 година во износ од 1.000 долари, а добитник е канадскиот поет и преведувач Нејл Ајткен.
Оваа голема меѓународна награда за Никола Маџиров доаѓа по успешната промоција на неговата книга на германски јазик во Берлин, Бремен и Келн и пред неговото патување за Лондон, каде ќе ја претставува Македонија на поетската Олимпијада „Поетски Парнас“ на која ќе учествуваат по еден автор од сите земји на светот.