1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Никозија проблем во комуникацијата меѓу Скопје и Брисел

На ЕУ и’ претстои многу значаен самит, а претседавачката палка од 1 јули ја презема Кипар. Какви се македонските перспективи во однос на овие два битни настани во Унијата?

Кога се тепаат слоновите, страда тревата. Со оваа африканска поговорка аналитичарите, кои ги анкетираше Дојче веле, симболично ги објаснуваат шансите на Македонија да го придвижи напред евроинтегративниот процес, на претсојниот самит на ЕУ, што треба да се одржи на крајот на мецесов во Брисел.

Претстојниот самит одлучувачки за иднината на ЕУ

Ivica Bocevski

Ивица Боцевски забележува дека Грците на Кипар се порадикални од Грците во матичната држава

Унијата е преокупирана со проблемите што ги наметнува економската криза, неизвесноста за индината на еврозоната кулминира, европските челници се свесни дека мораат да донесуваат битни одлуки, така што прашањето за проширување на Унијата тешко ќе најде место на дневниот ред на јунскиот самит.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски смета дека овој самит е решавачки за еврозоната и оти земјите кандидати не се во фокусот. Тоа не значи дека Македонија треба да биде нем набљудувач на случувањата во Брисел, вели Боцевски.

„Toa не значи дека Македонија треба да се откаже од наметнување на своите приоритети, дека Македонија треба да се откаже од својата борба, но не треба да очекуваме позначен исчекор, бидејќи Унијата се наоѓа на пресвртна точка во однос на својата иднина, кога ќе треба да реши да се реформира или да појде по еден многу полош пат на дезинтеграција“, констатира Боцевски.

Македoнија и Кипар без дипломатски односи

Неколку дена по јунскиот самит на ЕУ, ќе се случи рокада на претседавачкото столче. Лидерската палка се сели од Скандинавија на Медитеранот. Кипар ќе ја наследи Данска и од 1 јули до крајот на годината ќе претседава со Унијата. Тоа за Македонија не значи многу од аспект на евроинтегративниот процес, но ќе претставува проблем од комуникациски карактер, смета Христо Ивановски, новинар од весникот „Дневник“.

Symbolbild EU-Erweiterung

Македонија нема воспоставено дипломатски односи со следниот претседавач со ЕУ - Кипар

„Проблемот е сериозен, затоа што двете земји немаат воспоставено ниту дипломатски односи, така што ќе имаме проблем да се оствари барем некакава комуникација меѓу ЕУ и Македонија. Самото тоа што Кипар не дозволува Македонија да испрати дипломатски претставник во Никозија покажува дека тие не се воопшто заинтересирани за македонското прашање“, вели Ивановски. А, Боцевски додава:

„Како и секоја етничка заедница која се наоѓа надвор од матицата, така и етничките Грци од Кипар се порадикални и од самите Грци од матицата во однос на сите етнички и национални прашања, вклучително и прашањето за името, така што Македонија тука не треба да очекува ништо позитивно“.

Македонија да се фокусира на дијалогот на високо ниво

Боцевски верува дека Европа ќе го заземе вистинскиот курс во однос на сопствената иднина и дека потоа ќе може да му се посвети на процесот на проширување. Во меѓувреме Македонија ќе продолжи со дијалогот на високо ниво.

„Во секоја фаза од постапката се можни одложувања и блокади, но сметам дека е позитивно што Унијата сега засега ја држи цврсто палката и таа го води овој дијалог на високо ниво“, вели Боцевски.

Аналитичарите се согласни дека Македонија треба да продолжи да ги турка реформите и да се европеизира во секој сегмент. Македонија е дел од процесот на проширување без оглед на крупните предизвици со кои се соочува Европа и уште помалку без разлика на тоа кој претседава со Унијата. Една од најтешките домашни задачи што ги постави Комисијата е прашањето за името - спорот со Грција кој се испречи како непремостлива препрека на европскиот пат.