1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Ние си стоиме на зборот“

Агрон Буџаку располага со богато искуство на живеење во мултиетнички средини и тоа го смета за голема предност во претседателската трка. Во интервју за Дојче веле тој ги појаснува приоритетите на неговата политика.

default

Кандидатот за иден претседател на Македонија, Агрон Буџаку

Господине Буџаку, мотото на Вашата претседателска кампања гласи: „Ние си стоиме на зборот“. Зошто Агрон Буџаку смета дека тој е вистинскиот избор за претседател на Македонија?

Јас сум магистер за меѓународни односи, се ангажирав во Собранието на Република Македонија, бев пратеник во два мандата по година, година и половина, бев член на Комисијата за надворешна политика, за интеграции, шеф на делегацијата за Парламентарното собрание на НАТО, на ОБСЕ и на многу делегации за соработка со Европскиот парламент.

Моето ангажирање и искуство потекнува од фактот што сум роден и сум живеел во Дебар подолго време, а Дебар е пример за заедништво и соживот. Одредено време живеев и во Брисел, како главен град на ЕУ и главен град на држава, во која има функционална мултиетничка демократија. Значи, моето искуство со живеење во мултиетничка демократија е една од причините поради кои мојата партија ме предложи за кандидат за претседател на Република Македонија.

Кој ќе биде Вашиот прв приоритет, доколку граѓаните на Македонија Ве изберат за претседател ?

Претседателот на државата не може многу да направи на извршно-политички план. Приоритетот на моето политичко дејствување би било изнаоѓањето компромис околу името со јужниот сосед, Грција. Тоа ни го сугерираат нашите пријатели од меѓународната заедница, поконкретно заради зачленувањето во НАТО, што би било голем сигнал за стабилноста на државата.

Europa Mazedonien

Натамошното проближување на државата кон ЕУ е вториот приоритет

Втор приоритет ќе биде натамошното приближување кон ЕУ. Додека бевме на власт, значи и со мој приоднес, Македонија го доби статусот кандидат за зачленување во ЕУ во декември 2005. Тој процес треба да продолжи сега. Со моето влијание, јас би се залагал и да дојдеме до визна либерализација, затоа што изолацијата многу и’ штети на Република Македонија. Младите од земјата ниту ја виделе, ниту знаат како изгледа Европа.

Слично како и останатите кандидати, сите на своите митинзи ветуваат вакво нешто, меѓутоа досега никој конкретно не кажа што ќе направи за граѓаните што поскоро да ги почувствуваат овие придобивки?

Тоа е политичко клише кое постои од 1990 година, па до денес. Но, јас можам да кажам, дека стоиме на зборот за реализирање на нашата платформа, дека она што сме го ветиле се покажало и на дело. Некогаш сме биле и чекор понапред од другите, на пример во 2002 година. Првата идеја што ја изнесов е да има поголемо директно вклучување на САД и на ЕУ во решавање на спорот околу името со јужниот сосед Грција. Воедно ќе се придржувам строго до пропишаните ингеренции на претседателот. Демагогија е на граѓаните, на стечајците да им се вети дека за кратко време ќе се решат економските проблеми. Но, претседателот, како претставник на државата, со неговите лични контакти, би можел многу да придонесе за решавање на проблемите. Албанец, како претседател, би покажал дека Македонија е стабилна држава што се однесува до внатрешните меѓуетнички односи. Но, и при претставувањето во мултилатералните средби би се зголемил кредибилитетот на државата и значително може да се подобрат инвестициите во Република Македонија.

Има ли разлика во македонскиот и во албанскиот политички блок по основа на решавање на проблемот со Грција, во поглед на тоа колку лесно би се откажале едните или другите од уставното име?

Ние искажавме и се’ уште покажуваме волја да се постигне компромис. За тоа имаме строго утврдени принципи во нашата политичка платформа. Тие принципи се дека новото име не смее да содржи елемент на моноетничност или исклучување на мултиетничкиот апсект на државата.

Mathew Nimitz, UN Mediator in dem Namentstreit zwischen Mazedonien und Griechenland

Преговорите за името ги води пратеникот на ОН, Метју Нимиц

Второ, треба да се почитува и да се земе предвид чувствителноста на македонските сограѓани во однос на идентитетот. Трето, тој компромис би требало да ги земе предвид и историската и културната чувствителност на јужниот сосед. Тие се принципите врз кои ја водиме политиката.

Што се однесува до името, проблемот има два апсекта: прво, дали се работи само за името или и за идентитетот. Кога станува збор за наоѓање компромис за името, целосно сме ангажирани тоа да се постигне што поскоро. Кога станува збор за идентитетот, прашање што се’ почесто се отвора во јавните дебати, ние не се мешаме затоа што тоа е прашање кое треба да го решат македонските сограѓани. Јас не би сакал некој да ми се меша во идентитетот и затоа не би се мешал ниту во идентитетот на другиот.

Господине Буџаку, Вие сте дел од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Политичките опоненти од албанскиот блок Ви префрлаат дека не работите целосно во интерес на Албанците во Македонија, но Вие некако делувате задоволни од функционирањето на владината коалиција. Дали е тоа затоа што се исполнуваат Вашите политички заложби или пак е своевиден одраз на желбата да се биде дел од власта по секоја цена?

Како прво, ние имаме договор за оваа коалиција. Второ, не може да се оцени функционирањето на коалицијата за само шест - седум месеци. Тоа ми го зборува моето искуство од соработката со СДСМ, кога бевме во коалиција кон крајот на 2002. Значи не може да се оцени соработката за толку кратко време. Трето, би рекол дека заради предвремените парламентарни избори, владината програма веќе беше во полн ек кога ние се вклучивме во владината коалиција, значи се најдовме во позиција да надополнуваме. А новата програма на владата за оваа година ги содржи и нашите ветувања до граѓаните.

Сакам да потсетам и на тоа дека овие две партии се сега нови во владината коалиција, ако се сеќавате во 2002 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаа ни да се поздрават со мене кога го користев уставното право и зборував во парламентот на албански јазик. Значи во тек е трансформација на главните пораки што ги носи оваа владина коалиција. Прво е дека со неа се почитува волјата на огромното мнозинство на албанските гласачи, затоа што спротивното - непочитувањето на нивната волја и соработката со коалиционен партнер што не го освои мнозинството на нивните гласови - доведе до предвремени избори. Понатаму, по првото помирување со гласачкото тело на СДСМ, сега имаме и второ помирување со засега мнозинството гласачи и подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

За прв пат на претседателски избори во Македонија учествуваат тројца кандидати од албанскиот политички блок. На што се должи тоа според Вас, дали е тоа израз на демократска зрелост или на нешто друго?

Тоа е демократска зрелост! Тука, како и на секаде на светот, има и независни кандидати и партиски кандидати. Со оглед на партиското партнерство бевме подготвени да го поддржиме кандидатот на нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да се подготви клима и терен за во тој момент најголемата и најпопуларната македонска партија да поддржи албански кандидат за претседател за пет години.

Agron Kandidat für Wahl in Mazedonien

Ќе помине ли во вториот круг на изборите? Агрон Буџаку пред новинарите

Таа порака не наиде на разбирање од некои политичари, како и од јавноста, така што кога веќе почнаа да излегуваат другите партии со нивни кандидати и да вршат промоција на нивните партии, како што е примерот со господинот Селмани, тогаш и ние решивме да ги пласираме нашите пораки. А оценивме и дека постои реална можност поради популарноста што ја уживаме да поминеме и во вториот круг. Веќе тоа би била порака за регионот дека има кандидати од двете најголеми етнички заедници, кои се натпреваруваат. Изборот на кандидат етнички Албанец, на овие или на некои подоцнежни избори, би бил многу голема порака за добрите меѓуетнички односи.

Доколку Вие не успеете да влезете во вториот круг, дали Вашата партија има донесено одлука кому ќе му ги даде гласовите, односно за кого ќе ги повика своите приврзаници да гласаат во вториот круг?

Тоа прашање е хипотетично од два аспекти. Прво, ние влегуваме во изборната трка за да победиме или барем да влеземе во вториот круг. А второ, хипотетично е и затоа што не знаеме кој од другите двајца кандидати би можел да влезе во вториот круг. Значи, кога ќе дојде времето, тогаш ќе разговараме.