1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Не стануваме Бугари ако БПЦ нѐ признае како мајка-црква

Со признавање на автокефалноста на МПЦ од страна на БПЦ, СПЦ повеќе не ќе може да го држи црковното прашање како нејзино „внатрешно“, велат познавачи на црковната политика.

„Заев ги направи Македонците Бугари, а МПЦ и Наум македонската црква ја прават бугарска“. Ова е само еден од насловите во опозициските медиуми кои барањето на МПЦ за признавање од страна на Бугарската православна црква го ставаат во контекст на губење на националниот идентитет. Како што  изјави пред неколку дена владиката Наум, член на Светиот синод на МПЦ, македонската црква на 9-ти ноември испратила писмо до БПЦ во кое од неа побарала да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“. Писмото било испратено по одржаната редовна седница на Синодот, на која едногласно било одлучено да се упатат одредени предлози и барања до сестринската црква.

Во писмото се вели: „Македонската православна црква - Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква - Бугарска патријаршија како мајка црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви. Со потпишувањето на оваа согласност од поглаварите на двете цркви, да се воспостави евхаристиско единство и меѓу сите нивни епископи што ќе биде основа за непречено воспоставување на евхаристиско единство и со епископите од останатите помесни православни цркви“.

Од Црква-мајка до сестрински цркви

Ова барање на МПЦ, во опозицски медиуми се толкува како „продолжение на лошиот Договор за добросодство со Бугарија, кoj од Македонците ќе направи Бугари, а сега и Црквата ќе ја направи бугарска“. Извори од Светиот синод на МПЦ енергично ги отфрлаат ваквите тврдења.

„Никој не станува Бугарин ако БПЦ како мајка-црква ја признае автокефалноста на МПЦ. Тоа е она што граѓаните треба да го знаат. Црква-мајка е почесен израз, а не знак за нечие црковно владеење над некого. Признавањето на автокефалноста од мајка-црква може да се опише со 'секунда'. Од моментот кога црквата-мајка признава друга црква, тие стануваат сестрински. Таа останува мајка-црква во односот со другите, се додека Цариград не издаде томос за автокефалност. Секоја црква ако сака може да биде мајка-црква - и Руската, и Албанската... Факт е дека досега најголема историја на соработка сме имале со Бугарската. Поддршката е однос на почит и љубов, да знаеш дека си наишол на сето тоа кога најмногу ти требало“, велат извори од Синодот.

Со ова е извесно дека „тоа нешто“ досега не е препознаено во СПЦ. Преговорите помеѓу МПЦ и СПЦ се прекинати веќе неколку години и досега немаше никаков сигнал дека црковен Белград воопшто има намера да ги активира. На повидок не беа ни други сигнали на добра волја. Во август година српскиот архиепископ Иринеј не даде дозвола за прослава на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, а разните струи во Синодот на СПЦ не даваат надеж дека таму во догледно време ќе се создаде единство и волја за продолжување на разговорите со МПЦ, дури ни како „алиби за конструктивност“ а камоли за продуктивност.

Интернационализирање на спорот

Според познавачите на црковната политика, желбата на СПЦ да го држи ова прашање како нејзино „внатрешно“, со евентуално перизнавање на автокефалноста на МПЦ од страна на БПЦ - директно ќе се интернационализира и ќе добие меѓународно внимание. Особено што СПЦ уште во 1959 година во одлука на нејзиниот архиерејски собор нотира дека престануваат да важат прописите на СПЦ за епархиите и архиереите на теритиријата на Македонија (Скопската, Охридски-битолската и Злетовско-струмичката) кои се издвоиле во самостојна македонска православна црква. Но, „се предомислува“ откако во 1967 година МПЦ прогласи автокефалност. Дали прашањето ќе се извлече од долгогодишната блокада во СПЦ и конечно ќе се интернационализира? Ако БПЦ ја призне автокефалноста на МПЦ, според нашите соговорници, тоа е повеќе од сигурно. Но, предупредуваат и на други аспекти.

Цане Мојановски, поранешен претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници во барањето на МПЦ гледа обид на црковната ерархија за конечно неаоѓање влез во православата екумена. Не е сигурен дали тоа ќе значи симнување на еден проблем или отворање на неколку нови.

„Сепак, сметам дека овој напор на МПЦ треба да се набљудува со внимание и без многу политичко арбитрирање. Обидот на оваа црковна ерархија е да најде црковно решение за нејзино вклучување во светот на православните цркви. Тоа сиурно ќе предизвика дебати во православните цркви, посебно на Балканот, особено кај оние цркви кои во минатото имале свои диецези во Македонија. А може да предизвика и натамошно организирање и на други православни цркви во Македонија, покрај Православната охридска архиепископија (ПОА) и црквата на православните Албанци формирана како здружение“, вели Мојановски.     

Црковен Белград молчи

Црковните власти во Белград засега молчат, што не значи дека не е вклучен алармот и дека далеку од очите на јавноста ги одмеруваат следните чекори. Нема официјални изјави ни од Бугарската патријаршија, која треба да реши дали ќе го прифати барањето на МПЦ. Во меѓувреме, тоа наидува на поддршка во тамошната политичка јавност.

„Тоа е исклучително позитивен чекор што треба да се прифати“, изјави Андреј Ковачев, бугарски европратеник од редовите на партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.

„Би рекол дека писмото од Македонската архиепископија е револуционерно. Во овој исклучително поволен момент меѓу двете земји тоа е многу добар сигнал. Се надевам дека нашиот Синод позитивно ќе одговори и ќе им подаде рака на нашите собраќа“, изјавил Ковачев за весникот „Монитор“.

Запрашан дали евентуалната позитивна одлука на БПЦ би можела да ги наруши односите на Софија со други земји, тој одговара: „Станува збор за наши собраќа. Не гледам зошто некој треба да се чувствува засегнат од оваа ситуација. Писмото е одличен знак и уникатна можност во актуелниот поволен политички амбиент да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Се разбира, го изразувам моето лично мислење, а решението сепак останува на Синодот на БПЦ“.

Темата се најде и во специјализираните сајтови за црковни вести во Грција, „Ортодоксија“ и „Ромфеа“. Веста ја пренесуваат под насловите „Автокефалност од бугарската патријаршија бара расколничката македонска црква“ и „Расколничката македонска црква подготвена да ја признае Патријаршијата на Бугарија како мајка-црква“. Во едниот од нив се коментира дека контактот на МПЦ-ОА и на БПЦ не бил случаен, затоа што во 2015 година бугарскиот патријарх Неофит официјално го примил г.г Стефан.

Од врвот на МПЦ засега официјално ниту коментираат ниту објаснуваат нешто дополнително околу писмото испратено до БПЦ, што во црковни кругови се толкува како обид тоа прашање да биде разгледано во духот на разбирањето, соработката и без инвазија од изјави кои можеби би го оптовариле процесот.

 

DW.COM