1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Не си веруваме дури ни самите себе си“

Сиромаштијата и невработеноста будат бес кон владата кај многумина Тунежани. Дали премиерот Џебали ќе успее да го смени кабинетот, е неизвесно поради отпорот во неговата партија. Владините противници гласно протестираат.

„Оној кој сее сиромаштија, ќе жнее гнев“, стои на еден плакат, што Ахмед Шафаи го има ставено над своето биро. Шафаи многу добро знае колку се бесни луѓето овде. Тој е заменик генерален секретар на влијателниот синдикат УГТТ во Силиана, град на околу 120 километри југозападно од Тунис.

Тој не еднаш добил смртни закани.

„Овие луѓе сакаат да создадат клима на страв. Некои преминуваат и на дела. Но, овие закани само уште повеќе не‘ поттикнуваат. Ако веќе мораме да ја пролееме нашата крв за слободата на земјата, тогаш нека биде така“, вели тој.

Во Силана веќе е пролеана многу крв. Пред два месеца овде, на улиците, на протести против владата излегоа пред се‘ млади луѓе. Тие фрлаа камења врз полицајците, кои пак одговорија со пукање. Ранети беа најмалку 300 демонстранти, некои беа погодени во очите и ослепени. Оттогаш ништо не се промени многу. Сепак, си замина стариот провинциски гувернер. Со новиот е подобро, вели Шафаи, зашто сериозно ги сфаќа грижите и маките на луѓето. Но, грижите и маките остануваат, против нив новиот гувернер на провинцијата не може ништо да направи.

Tunesien Ermordung Oppositioneller Chokri Belaid Proteste

Чести протести против владата

„Не му веруваме веќе никому“

Во кафулето на главната улица во истиот град се гледа фудбал на телевизорот. На пластичните столици на терасата седат Набил и неговите пријатели, пијат кафе, пушат, разговараат. Студентите се надеваат дека во Силана наскоро ќе тргне на подобро. Иако, најголем дел од жителите се без работа.

„Нам ни треба решение токму сега, не сакаме да чекаме пет или шест години“, велат тие.

„Човек стекнува диплома и со неа не може ништо да започне. Зошто се добрите оценки? Тие не помагаат никому да напредува. Ако не постои перспектива, ја нема ни мотивацијата. Проблемот е што веќе никому не веруваме, дури ни самите себе си“.

Набил и неговите пријатели се гневни на владата која не се справи со високата невработеност, не презеде ништо во врска со високите животни трошоци, не ја сузбива корупцијата, а особено што пречесто ги заштитува насилните салафисти.

Hamadi Jebali

Премиерот Хамади Џебали

Премиерот се заканува со оставка

Меѓу народот врие, не само во Силиана. Премиерот Хамади Џебали од партијата Енада за средината на оваа недела најави нова влада. Таа би требало да биде составена од непартиски технократи. За француската телевизија Франс 24 Џебали изјави:

„Ќе ја претставам новата влада, а потоа ќе гледам и слушам. Доколку не добијам поддршка од партиите во уставотворното собрание, ќе го признаам неуспехот во формирањето влада“.

Џебали уште дополнува, ако не добие поддршка, ќе поднесе оставка. И во Силиана граѓаните со нетрпение исчекуваат што ќе се случи во главниот град Тунис. Дали премиерот ќе успее во намерата, и покрај противењето на својата партија? Тој се смета за умерен исламист и е изолиран и во партиските редови. Тунис и натаму броди кон неизвесна политичка иднина. Оваа недела, на чиј крај ништо нема да биде онака како што беше.