1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Не се игра добра одбојка

Купот на Македонија во одбојка заврши, пехарот е во рацете на Шкендија. Еден од оние кои најмногу придонесоа за првата куп-титула на Шкендија е Жарко Ристовски. Тој за ДВ зборува за состојбите во одбојката.

Жарко Ристовски

Жарко Ристовски

Жарко Ристовски е своевиден раритет, тој е далеку најтрофејното име во македонската одбојка. На Ристовски ова му е дури 15-та титула во Купот на Македонија.

„Се случи по 15- ти пат да се закитам со овој трофеј. Претходно 5 пати бев освојувач на купот со екипата на Југохром од Тетово, 9 пати со Работнички Фершпед и еве сега титула која што ми е една од подрагите, затоа што ја освојувам со екипа која досега нема освоено ниту еден куп.“

„Бевме подобри од Борец, следна цел е првенството“

36-годишниот Ристовски е среќен што после 15 години пехарот од Купот се сели во Тетово. А, за текот на финалето против Борец вели:

После 15 години пехарот од Купот се сели во Тетово

После 15 години пехарот од Купот се сели во Тетово

„Први два убедливи сета, противникот го оставивме дури на 15. Потоа, во почетокот на третиот сет настапи мало опуштање, противникот направи серија од два до три поени разлика, која што ја одржуваше до крајот на сетот и успеа да го освои. По загубениот сет успевме да ги консолидираме нашите редови, повторну функционираа линиите на нашиот тим и без некој напор успеавме да дојдеме до овој трофеј.“

Според соодносот на силите, Шкендија и Борец ќе имаат ново блиско соочување и за титулата во македонското првенство. Ристовски смета дека Шкендија е фаворит.

„Мислам дека имаме најстабилна екипа. Екипа којашто не ја сочинуваат само шест играчи. Очекувам добра игра, повторно полни трибини и малку поспортско навивање и мислам дека на крајот екипата на Шкендија оваа година би се закитила со шампионската титула, што би било, исто така, за прв пат.“

Во Македонија денес се игра слаба одбојка

Жарко Ристовски е едно од најреспектираните имиња, се‘ уште актуелен репрезентативец, но квалитетот на одбојката која моментов се игра во Македонија го коментира со голема доза на разочараност.

Voleyball Mazedonien Pokalfinale Skendija-Borec

„Дефинитивно одбојката е во голем пад во нашата држава. Ова е финале кое што ете, на некој начин, резултатски беше интересно, но не донесе многу возбудувања. Квалитетот навистина е на многу ниско ниво. Тоа се должи на тоа што ниту една од екипите не работи со млади категории, што е исклучок во женската одбојка, која има прогрес во Македонија. Се надевам дека во некоја блиска иднина ќе се обезбедат некои нормални услови за работа и младите деца повторно ќе почнат да го играат овој спорт и за некое догледно време од 8 до 10 години повторно ќе добиеме некое звучно име од нашите простори во одбојкарскиот свет, кое што ќа ја претставува нашата држава и нашите клубови.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска