1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Не се бара признавање, туку договор со Косово

Барањата кои германската ЦДУ ги изнесе во Белград предизвикаа бура во Србија. Ова е првпат една пратеничка група во германскиот парламент да се ангажира толку многу во процесот на проширување на ЕУ, смета Душан Рељиќ.

Германската владејачка ЦДУ не очекува од Србија да го признае Косово пред затворањето на пристапните преговори со ЕУ, туку очекува од српските власти да постигнат договор со Косово за уредување на меѓусоседската соработка, појасни германскиот конзервативен политичар Андреас Шокенхоф. Тој минатата недела за време на посетата на Белград ги соопшти условите кои Србија мора да ги исполни за да добие поддршка од германската владејачка партија за почнување преговори за членство во ЕУ. Една од седумте точки, кои беа новина за српските власти, е барањето од германска страна за договор за добрососедски односи со Приштина. Шокенхоф вчера (18.09) појасни дека тој не зборува за признавање на Косово.

Andreas Schockenhoff

Андреас Шокенхоф

Душан Рељиќ, научниот истражувач на Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност во Берлин, вака за Дојче веле го оценува изнесеното барање на владејачката германска партија:

„Тоа веројатно од една страна е производ на проценката дека ситуацијата на југоистокот од Европа е до таа мерка комплицирана, поради отвореното косовско прашање, што е неопходно големо ангажирање на сите вмешани и заинтересирани страни за да се забрза стабилизацијата на просторот од Југоисточна Европа“.

Од друга страна, Рељиќ смета дека ова може да е резултат и на промената во германското законодавство, пред се’ во законот за соработка меѓу парламентот и владата за прашањата кои се однесуваат на ЕУ. Со него се бара согласност и од парламентот пред конечните одлуки за проширувањето на ЕУ, но и’ се остава и простор на владата да донесува одлуки кои не се во согласност со ставовите на парламентот.

Makedonien auf dem Weg in die EU

Душан Рељиќ (десно)

Реакциите од Европската комисија и од претставништвото на Брисел во Србија даваат впечаток дека тие се изненадени од иницијативата која минатата недела во Белград ја изнесе пратеникот Шокенхоф, оценува Рељиќ.

„Изјавата на претставникот на Европската комисија во Белград Дежер, дека тоа е само став на една пратеничка група во еден од 27-те парламенти во ЕУ, укажува на тоа дека очигледно во тек е барање на еден вид на одговор и во Брисел за деталите на иницијативата за која се одлучи пратеничката група ЦДУ/ЦСУ во германскиот парламент. Важно е што мислат пратеничките групи, но одлуката за пристапните преговори ја носат шефовите на држави или влади“, вели Рељиќ.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц рече дека Србија мора да го признае Косово, ако сака во ЕУ. Се поставува прашањето - каков е консензусот на политичката елита за Косово? Душан Рељиќ вели дека политичките партии во парламентот, со исклучок на Партијата на левицата, се согласни по тоа прашање.

Karte Kosovo und Serbien Flash-Galerie

Од Србија се бара да потпише договор за добрососедски односи со Приштина

„Прво, гласаа за признавање на Косово. Второ, ја поддржуваат и политиката на сојузната влада, која има за цел во што поголема мерка да влијае на нормализацијата на случувањата во Југоисточна Европа преку процесот на проширување на ЕУ. Но, постои и фактот дека од 27 земји членки на ЕУ, пет не го признаа Косово и, би можело да се каже, немаат ниту намера да го признаат. Со самото тоа, ЕУ прво не може да бара од Србија признавање на Косово, а второ не може ниту да стапи во формално-правни односи со Косово, затоа што од страна на ЕУ Косово не важи за држава. Меѓутоа, исто така важи дека додека не се реши односот меѓу Белград и Приштина, ниту Белград нема да може да напредува кон ЕУ и нема да може да стекне ниту членство во ЕУ, бидејќи оние 22 земји кои го признале Косово ќе речат дека за нив Косово е држава и оти Србија ќе мора да најде решение за него“, нагласува научниот истражувач на Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност во Берлин, Душан Рељиќ.

Поврзана содржина