1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Не сакам веќе да бидам муслиман“

Во 2007 година во Германија беше формиран Централниот совет на екс-муслиманите. Што ги поттикнало овие луѓе да се откажат од исламот и како изгледа нивното секојдневие?

default

Според Германската служба за миграција и бегалци, во Германија живеат моментно околу 3,8 до 4,3 милиони луѓе кои потекнуваат од исламски земји. Поголемиот дел од нив се муслимански верници, но има и атеисти или такви кои конвертирале во друга вера. Точни статистики за нив нема. Во 2007 година во Германија беше формиран Централниот совет на екс-муслиманите. Слични организации во меѓувреме има во Велика Британија, скандинавските земји и Австрија. Германската организација има стотици членови, кои се ангажираат против убиствата заради бранење на смејната чест, каменувањата и принудувањето на жените да носат шамии. Што ги поттикнало овие луѓе да се откажат од исламот и како изгледа нивното секојдневие?

„Исламот не дава доволно слобода“

Неделна миса во верската заедница на евангелистичката црква во Ромеркирхен. Меѓу присутните е и иранското семејство Никоукар. Од пред десет години редовно доаѓаат на миси и се активни членови на црковната заедница. Иранскиот брачен пар од ислам премина во христијанство.

Betende Muslime in der Kölner DITIB-Moschee

„Израснав во муслиманско семејство. Мојот татко и мојата мајка, како и другите Иранци, беа религиозни муслимани, што значи дека одеа во џамија, постеа. Автоматски го прифативме исламот како вера, но тоа не беше наша лична одлука“, вели Бабак Никоукар. Уште во детството Бабак сметал дека исламот е единствена правилна религија. Додека студирал машинско инженерство во Техеран, се вклучил во студентското движење против иранскиот режим. Бил уапсен од политички причини, а во 2000-та година избегал во Германија, каде тогаш 41-годишниот Бабак дошол во допир со христијанската религија.

„Исламот е нечовечен, луѓето се принудени да му се молат на Алах, немаат никаква слобода, сеедно дали се работи за девојчињата или момчињата, во училиште или на универзитет. Во Иран автоматски морав да постам во Рамазан, во спротивно можев да бидам уапсен. Вакви казни во Германија не постојат. Размислував која религија е подобра. Имав еден познаник во Вупертал, кој конвертираше во христијанска вера и од кого научив многу за Исус и евангелистичката црква“.

Така една година по стигнувањето во Германија Бабак и неговата жена решиле да ја сменат верата и да бидат крстени. И нивните две деца се воспитувани во протестантска религија, Никоукар е убеден дека христијанството е вистинската религија. Кога во 2007 година беше основан Централниот совет на екс-муслиманите во Германија, Бабак Никоукар без двоумење станал негов член.

„Религијата е отров“

Еден од оние кои јавно се одрекол од исламот е ирачкиот Курд Нур Габари. Уште како дете се прашувал-дали постои бог? Како тинејџер станал атеист, а за таков се смета и денес, 30 години подоцна. Во својата татковина и тој учествувал во протестите против режимот во 70-те и 80-те години на минатиот век. Три пати бил апсен и затворан.

Symbolbild Religion Islam Christentum

„Религијата според мене е отров, таа мора да биде одвоена од државата. Религијата врши многу негативни влијанија, не само врз жените и децата, туку страда целото општество, таа ја ограничува слободата“, вели Габари.

Во 1995 година тој избегал во Германија, во меѓувреме добил германски пасош, но тврди дека не припаѓа на ниедна нација или вера:

„Јас сум човек, тоа е мојата стратегија-човекот е најдобриот капитал, највисоката вредност, без разлика на бојата, националноста. За мене е најважен начинот на кој еден човек се однесува со жените, децата, старите луѓе“, вели Габари.

Инаку, малкумина од екс-муслиманите во Германија јавно излегуваат со признанија за преминот во друга вера, поради страв, кој не е неоснован, зашто се‘ уште курсираат зборови на прорпкот со кои тој ги повикува следбениците да ги убијат оние кои се откажале од исламот, како што истакнува Мина Ахади, претседател на Советот на поранешните муслимани во Германија:

„Ние не можеме јавно да објавиме листа со наши членови, можеме само да кажеме, ги имаме стотици“.

Автор: Надја Баева/Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев