1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Не сакаме евтина работна сила од странство, нудиме еднакви услови за работа“

Централата за посредување странска и стручна работна сила (ЗАВ) ги поврзува луѓето од цел свет кои бараат работа со германските фирми. Особено многу се бараат негуватели, вели за ДВ директорката на ЗАВ, Моника Фарнхаген.

ДВ: За какви работни места се добри шансите за доселениците?

Моника Фарнхаген: Сега целно бараме млади луѓе, но и искусни, кои имаат дипломи или се веќе вработени во техничката бранша, ИТ-техниката, електротехниката, машинството. Притоа се бараат сите - од оние со универзитетска диплома, се‘ до квалификувана работна сила. Имаме итна потреба во сферата на здравството и негата. И во оваа бранша има невработени, квалификувани луѓе во Јужна Европа. Имаме голема потреба и во хотелиерството и гастрономијата.

Статистиката вели дека околу една третина од луѓето кои добиле работа во Германија, дале отказ. Знаете ли кои се причините?

Се разбира, се случува млад човек, кој во Германија е два или три месеци и работи во фирма, да има голема носталгија. Работата е поинаква, околината е поинаква, времето е главно полошо отколку дома. Затоа носат одлука да се вратат. Има и такви случаи, не сите остануваат во Германија, но најголемиот дел од доселениците остануваат.

Има критичари кои ги обвинуваат германските претпријатија дека ја искористуваат состојбата во Јужна Европа за да вработуваат луѓе со дампинг-плати. Како на тоа гледа ЗАВ?

Не сакаме таква конкуренција - да носиме поевтина работна сила во Германија, а германските работници да седат без работа. Тоа не го сакаме, туку сакаме оние кои доаѓаат во Германија да имаат сосема еднакви услови за работа. Ако сакаме како Германија да сме атрактивни за луѓето од Европа и од други земји, тогаш работата мора да ја организираме така за доселениците да не бидат дискриминирани во Германија.

Кризата во многу јужноевропски земји ги тера доселениците сами да преземат иницијатива. Доаѓаат ли луѓето спонтано во Германија?

Има и такви работи. Имаме тим во Берлин, Интернационален сервис за персонал, кој често доаѓа во ситуација во него да стојат Европејци со семејството и спакувани куфери и велат: „Еве сме. Слушнавме дека во Германија има добри можности за вработување. Сега помогнете ни.“

Што би бил Вашиот совет?

Некому од Португалија, Грција или Шпанија не би му препорачала едноставно да го спакува куферот и да допатува во Германија. Секогаш би препорачала прво да се добијат информации во татковината. Во заводите за вработување има и експерти за германскиот пазар на работна сила. Тие можат да стапат во контакт со нас и се‘ понатаму се одвива многу структуирано.

Во кои региони во Германија има особено добри можности за вработување на доселеници?

Сите сакаат да најдат работа во Берлин или околината, но Берлин не е регионот во кој има голем недостиг од работна сила. Берлин нуди можности во сферата на хотелиерството и гастрономијата, но не и во другите бранши. Затоа е важно да се знае дека работните места што ги имаме во Германија многу често се нудат во внатрешноста на земјата. Баден Виртемберг има високо развиена индустрија со голема потреба од стручњаци. Секогаш во процесот на советување на заинтересираните ги внесуваме и овие аспекти. Луѓето едноставно мора да знаат дека во дадени услови нема да работат во метропола која пулсира, туку во селски регион кај многу интересни работодавачи.

Моника Фархаген е директор на Ценатралата за посредување странска и стручна работна сила од 2004 година и ги познава практичните проблеми кои се јавуваат при посредувањето работници, со оглед на тоа што претходно работела и како советник за професионална ориентација и била раководител на повеќе заводи за вработување во региони кои се во криза и такви кои бележат голем подем