1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Не плашете се од Ал Каеда, учете македонски и албански“

Терористичка закана од светски размери за Македонијa нема, коментира за Дојче веле Клод Монике, директор на “Европскиот центар за стратегија, разузнавање и безбедност “-најголема опасност за земјата доаѓа одвнатре.

default

Ал Каеда нема интерес да напаѓа во Скопје, тврди Монике

Ал Каеда нема интерес да напаѓа во Скопје, ниту пак во другите градови од регионот, освен во Босна и Херцеговина поради базите на НАТО, таму Алијансата има веќе спречено неколку терористички напади. Но за Скопје, ризикот е навистина минимален.

“Прво и основно, Македонија никогаш не била декларирана цел на Ал Каеда, а второ, нема стратешки влог во Македонија. За вооружените исламисти е логично да го нападнат Брисел, затоа што тоа е европската престолнина, седиштето на НАТО... Париз и Лондон се исто така логични цели, затоа што се големи западни престолнини. Со цела почит кон Скопје, тој не е голем западен град и нема причина да се напаѓа Скопје“, вели Монике.

Ако граѓаните на Македонија немаат причина да стравуваат од терористичка закана, во државата сепак постојат неколку џамии за кои е познато дека се радикални, финансирани од Саудиска Арабија. Во тие гнезда можно е да се коваат терористички завери. На властите во Македонија е да ги вложат сите средства за разоктривање на фунадаменталистите, смета Монике.

Skopje,Ulica Makedonija

Политиката игра голема улога

Освен неопходноста од професионална полициска обука, и политиката игра голема улога во намалувањето на ризикот од секакви тензии, вели Монике.

“Мислам дека терористичката закана треба да се спречи на два начина. Првиот е секако да се биде внимателен. Полициските и безбедносните служби треба да бидат обучени, добро информирани и свесни за групите кои можат да бидат закана.

Од друга страна, знаејќи дека коренот на фундаменталистичките движења и на Џихадот е фрустрацијата, треба да и‘ се стави крај на таа фрустрација. Се‘ што може да ги опушти односите помеѓу заедниците, се‘ што може да се направи за да им се обезбедат на луѓето сите природни права, за секој граѓанин, е добра работа. Тоа треба да биде придружено од заложби и вклученост во општеството, и од воздржување од секакви повици за насилство или изјави кои можат да ја шокираат другата заедница, се‘ на се‘ мислам дека се‘ што може да ги смири односите помеѓу заедниците треба да се искористи.“

Tetovo, Mazedonien

Да се избегнуваат напнатости меѓу различните заедници

Учење на јазикот на другиот

Во овој контекст, експертот Монике смета дека изучувањето на јазиците на другите заедници што е можно порано оди во прилог на намалување на безбедносниот ризик. Колку што е потребно Албанците да го знаат македонскиот, толку би било корисно и малите Македончиња да го изучуваат јазикот на нивните албански сограѓани.

Се работи за недоразбирање

По алармантните пораки кои пристигнаа од министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, по посетата на македонскиот премиер Никола Груевски, дека има ризик од терористички напади во Македонија, Клод Монике ги смирува страстите:

“Мислам дека тука има недоразбирање. Од една страна поради тоа што Македонија е разочарана од она што се случува во нејзините односи со Европа, бара сојузници на друго место. А од друга страна, Израелците имаат сопствена призма преку која ги анализираат и историјата и политиката. И да, некогаш тие користат некои аргументи кои се повеќе или помалку разумни. Тоа никако не значи дека Македонија не треба да ги негува своите односи со Израел, но не сум убеден дека израелскиот министер Либерман е многу добро информиран за состојбите во Македонија.“

Ризик од внатрешна дестабилизација во регионот

Според сите истражувања направени во најголемите разузнавачки центри во светот, регионот може мирно да спие засега кога станува збор за тероризмот каков што го знаеме од телевизиските снимки.

Сепак, на Балканот, па дури и во Македонија се‘ уште постои ризик од внатрешна дестабилизација. Иако Монике смета дека Европската унија ја научила лекцијата од 90-те години, тој не го потценува ризикот од етнички тензии, пред се‘ во Босна и Херцеговина, каде омразата се‘ уште владее. Македонија засега не ги загрижува светските центри на моќ, но тоа, вели Монике, не значи дека ризикот е непостоечки. Секоја етничка група која би се почувствувала загрозена може да посегне по порадикални мерки.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска