1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

(Не) оправдани отпуштања во Грција

Многумина службеници во Грција, 12.500, се пред отказ во рамките на мерките за штедење, кои грчката влада ги договори со кредиторите од ЕУ и ММФ, а притоа не се води често сметка за староста и семејните околности.

Предимензионираниот државен апарат треба да биде намален за да се олесни државниот буџет. При отпуштањата меѓутоа, како што покажува нашиот пример, не се води сметка за староста и семејните околности. Се покажува исто така, дека Грците не го спроведуваат намалувањето на администрацијата како што е договорено.

Во Солун во моментов возачите не треба да се плашат од казна за недозволено паркирање, дури и во пешачка зона. Зашто, никој не казнува - Одделот за јавен ред, во кој работеше Јоанис Вагдатис, во септември беше расформиран во рамките на мерките за штедење, а вработените се ставени на „располагање“.

„Порано се борев против ваквите состојби, сега ми е сеедно, не можам ништо да направам. Тоа ли го сакаат Тројката и нашата влада? Тоа е нелогично. Ние се грижевме за редот,“ вели Јанис Вагдатис, службеник на „располагање“.

Задачите на Одделот за јавен ред треба кога и да е да ги преземе полицијата. Вагдатис до мај ќе прима 500 евра месечно, потоа е крај. Малку надеж му влеваат синдикатите. Како што дознал, државата и не мисли толку сериозно со фактички задолжителните отпуштања.

„Како што слушаме, од 12.500 службеници кои треба да бидат отпуштени, всушност само околу 4 илјади ќе ја загубат работата. Останатите 8.500 веројатно ќе бидат распоредени во други служби. Во овој контекст, важно е дека овие служби имаат потреба од персонал, на пример оти луѓе одат во пензија“, истакнува Димитриос Вазурас од синдикатот на државните службеници АДЕДИ.

За 56-годишниот Вагдатис тоа е единствената шанса. Зашто, тој е престар за приватното стопанство, а премлад за пензија.

Тој се надева дека во општината можат да му најдат ослободено работно место во државна служба: „Изгледите за оние над 50 години се лоши, првенствено зашто во споредба со помладите нам ни недостигаат стручни знаења. Помладите по правило имаат дури и универзитетска диплома. Мислам дека шансите на некој од нас се околу пет проценти“.

Вагдатис одамна ја потрошил заштедата. Од неговата плата живеат и неговиот син и жената, кои со години се невработени.

На семејството, како и кај мнозинството Грци, му останува уште сопствениот стан.

„Продавање на станот не е решение. Подоцна ќе имам пензија од 500 евра, како со неа да изнајмам стан и истовремено да имам доволно пари за струја и останатото? Тогаш нема да ми останува ништо за јадење“.

До пензија тој има уште две години, а семејството нема план Б.