1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Не знаеш германски - нема ново срце

Поради тоа што не знаел да зборува германски јазик, клиниката одбила да го стави на листата за чекање за донација на срце. Дали овој случај со еден Курд во Германија е дискриминација или слепо почитување на прописите?

Животот на Хасан Рашов-Хусеин е загрозен. Неговото срце веќе не е во можност да пумпа доволно крв низ телото. Итно му е потребно ново срце. Рашов-Хусеин има 60 години, по националност е Курд, а во германската покраина Северна Рајна Вестфалија дојде од Ирак. Клиниката за срце и дијабетис во Бад Оајнхаузен, неговото име не сакаше да го стави на листата на чекање. Образложението гласеше: пациентот не зборува доволно добро германски за неопходна комуникација со лекарите, особено поради комплексните инструкции, важни по тешката операција. Кахит Толан последните месеци искуси повеќе такви приказни. Тој е адвокат на Рашов-Хусеин и оној момент кога со својот клиент и тужбата в раце стигна до Уставниот суд, на сите страни го пресретнуваат новинари. „Секој човек има право на трансплантација, кога неговата здравствена состојба на тоа укажува“, вели Толан, истакнувајќи: „Социјалното потекло, јазикот или кое било друго ограничување, не смее да биде пречка.“

Клиниката се повикува на прописите?

Во клиниката во Бад Оајнхаузен нема возбуденост, бидејќи одлуката е донесена во согласност со прописите, кои ги дефинирала Лекарската комора на Германија, објаснува шефот на клиниката Јан Гумерт. Правилата се такви што оној кој сака да биде на листата на чекање, мора да зборува германски. Ниту во еден момент не смее да дојде до проблем во комуникацијата со персоналот. Тоа е особено важно по трансплантацијата. „Лекарите даваат разни инструкции, се земаат одредени лекови и доколку не се почитуваат правилата или доколу дојде до компликации во комуникацијата, состојбата на пациентот би можела да се влоши, дури да доведе и до негова смрт. Ние сакаме да ги заштитиме нашите пациенти“, тврди Гумерт.
Прописите на Лекарската комора очигледно различно се толкуваат од болница до болница. По одбивањето на неговото барање, Рашов-Хусеин за помош се обрати во Унивезитетската клиника во Минстер. Овој пат лекарите го одобрија неговото барање. Доколку повеќе, клиниката нуди услуги на преведувач, за да се олесни комуникацијата со пациентот. Во исто време, на рутински прегледи, пациентот доаѓа со роднини кои зборуваат германски.

Дали станува збор за дискриминација?

„Ако одбивањето на пациентот се објаснува поради тешкотии во комуникацијата, за мене тоа е повреда на рамноправноста, која ја гарантира Уставот“, смета адвокатот Толан. Во тужбата која ја поднеле до надлежниот суд, од клиниката во Бад Оајнхаузен бараат 10.000 евра оштета.
Меѓутоа, сѐ уште е неизвесно дали ќе дојде до процес и дали оштетениот ќе ја истера правдата до крај. Окружниот суд го одбива барањето на Рашов-Хусеин за правна помош, на која тој се повикува како невработено лице. Но неговиот адвокат не се откажува, му се обраќа на Уставниот суд, кој смета дека тужбата треба да се разгледа и оти невработениот граѓанин има право на правна помош. Поради тоа на 20 декември, пред судот за прв пат излегоа правните застапници на двете страни во спорот.

Лекарската комора свесна за сериозноста на проблемот

Судот, покрај останатото, би можел да се изјасни и за правилата на Лекарската комора, односно во која мерка се тие соодветни во разгледување на критериумите за распределба на донираните органи.

Токму на тоа се надева и Еуген Бриш, претседател на германската Фондација за заштита на интересот на пациентите на кои итно им е потребна нега. Тој се залага за јасно дефинирани правила во таа област, за да се избегне можноста на самоволно одлучување, како што, вели тој, се случило во овој случај.
Проблемот на Лекарската комора ѝ е добро познат. Надлежните тврдат дека некои критериуми е тешко да се дефинираат, објаснува Рут Рисинг ван Сан која е раководител на Оделението за прашања за трансплантација во Комората. „Од овие правила произлегува дека сѐ зависи од конкретните околности, како што е здравствената состојба на пациентот, вклучувајќи го и психолошкиот аспект и познавањето на јазикот.“ За тешките пациенти, како што е Рашов-Хусеин, толкувањето на таквите правила е прашање на живот или смрт. Со цел во иднина да не дојде до такви ситуации германската Лекарска комора попрецизно ќе ги формулира правилата. Прашање е само дали „новите правила“ ќе ги доживее Рашов-Хусеин. Судскиот процес кој го започна би можел да потрае и до три години, а на донатор на срце, таткото на девет деца и понатаму чека. Ако ништо друго, барем обезбеди место на листата на чекање во клиниката во Минстер. Сега барем има шанси, како и остантите граѓани- кои зборуваат германски!