1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Не знаеме нешто да направиме, без да се поделиме“

Проектот „Скопје 2014“, за новиот лик на центарот на градот, предизвика жестоки дебати. Што мислат старите Скопјани, дали амбициозната програма ќе ја разубави македонската метропола?

default

Камениот мост, единствен препознатлив белег на градот

Низ Вардар ќе мине уште многу вода дури Скопје да го добие ликот што го заслужува. Ова е дел од размислувањето на тема "Скопје 2014“ на Мојсо Мојсовски, Скопјанец кој својата љубов кон родниот град ја потврди во делото на чии страници најраспослани се спомените на старите скопски маала и градските обележја од пред 63-та година, како и приказните од денешно Скопје какво што сите го познаваме. Мојсовски смета дека е добро да се гради, но бара архитектите да го дефинираат стилот за центарот да добие препознатлив и модерен изглед.

“Градот мора да напредува, мора да го добие ликот на метропола и да стане препознатлив по нешто. Сега единствено Камениот мост е зданието по кое се распознава Скопје“.

Skopje Zentrum

Центарот на Скопје

Баланс меѓу старото и модерното

Прашањето дали амбициозната програма ќе го разубави центарот на македонската метропола им го поставивме уште на двајца родени Скопјани, докажани вљубеници во македонскиот главен град. Тие исклучиво од естетски апспект го коментираат проектот кој веднаш по промоцијата предизвика контроверзи и ги зовре страстите во македонското општество.

Братислав Димитров, писател и драматург кој пишувал многу за Скопје, смета дека треба да се направи баланс меѓу старото и модерното за да се зачува духот на Скопје.

“Скопје е град на многу различни енергии и тоа се одразува и во архитектурата. Тука е папокот на светот. Тука живееле многу цивилизации и се судирале многу естетики“.

Mazedonien Skopje Flash-Galerie

Скопје е мешавина од стилови

Данило Коцевски, хроничар на градот кој отсекогаш со носталгија говорел за старо Скопје е задоволен од проектите предвидени во програмата. Според него, не држат аргументите дека новото мора да биде модерно за да биде убаво.

“Ние живееме во едно модерно време, кога урбаната архитектура си одбира свои објекти. Скопје во барокен, неокласичен стил постоело отсекогаш. Тоа е мешавина на стилови“.

Мудроста вели деке за вкусовите не се расправа. Но кога е во прашање Скопје, градот - дом на повеќе од половина милион луѓе, дебатата за неговиот лик е повеќе од неопходна. За жал, луѓето од Македонија како да не знаат да ги соочат аргументите без длабоко да се поделат меѓу себе.

“Не знам дали знаеме ние нешто да направиме без да се поделиме. Изгледа тоа ни е во генот во крвта“, констатира Мојсовски.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска